Mercedes-Benz го освежи големиот GLS, но можеби најинтересен е токму најопулентниот голем SUV, оној со ознаката Maybach.
Од Mercedes-Maybach кажуваат дека новиот Maybach GLS е уште полуксузен и порафиниран од моделот кој го заменува. Но каде всушност се измените?
Визуелните измени започнуваат со освежениот екстериер, а Maybach верзијата добива редизајниран преден лик со нови решетки и хромирани детали.
Всушност, околу целиот автомобил има многу, многу хром – го забележуваме и на предниот браник, на страничните прагови и околу прозорците, како и на задниот браник и на кровните носачи. Mercedes-Maybach GSL добива и огромни нови 23-инчни ковани тркала со специјален, кован поклопец за завртките.
Кабината добива обновени седишта кои сега се обвиени со уште помека кожа и имаат редизајнирани декоративни опшивки. На купувачите ќе им бидат достапни неколку опции за бојата на ентериерот, меѓу кои и Manufaktur Crystal White / Silver Grey или Manufaktur Mahogany Brown / Macchiato Beige.
Секако, бидејќи се работи за продукт на Manufaktur, можеме да очекуваме врвна завршна обработка и мајсторско внимание посветено и на најситните детали. Ги истакнуваме новиот управувач со контроли на допир, најновата генерација на MBUX инфозабавниот систем со три екрани на допир, и многу, многу повеќе.
Единствената погонска опција за супер-луксузниот SUV е 4-литарскиот твин-турбо V8 кој кон сите четири тркала испорачува 557 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 730 Nm вртежен момент од само 2500 вртежи во минута. Моќниот V8 соработува со лајт-хибриден систем кој испорачува дополнителни 22 коњски сили и 250 Nm вртежен момент, а резултат на сето тоа е „стотка“ за 4.2 секунди и максимални 250 километри на час. Според официјалните податоци, GLC 600 4Matic троши 14 литри бензин на 100 километри – но кога веќе зборуваме за вакви автомобили, кому му е тоа воопшто важно?