full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Nissan влегува во иднината со електричната Ariya

Ariya е новиот електричен кросовер на Nissan кој од следната година ќе се продава во Европа, Америка и Кина.

Новиот електричен кросовер на Nissan ќе се нуди во четири различни изведби. Основната изведба ќе биде со погон на задните тркала и батериски модул со капацитет од 65 kW. Оваа верзија ќе има 215 коњски сили и 300 Nm вртежен момент, а ќе забрзува до 100 километри на час за 7.5 секунди и ќе може да постигне максимални 160 километри на час. Според Nissan и локалните јапонски тестирања, оваа верзија ќе може да помине околу 450 километри со едно полнење.

Втората верзија е исто така со погон на задните тркала, но со поголема батерија со капацитет од 90 kWh која овозможува 335 коњски сили и 560 Nm вртежен момент, како и автономија од импресивни 610 километри со едно полнење.

Nissan ќе понуди и две верзии со погон на сите четири тркала, со истите батерии со капацитет од 65, одноно 90 kWh, но со по два електромотори. Првата верија има 335 коњски сили 560 Nm вртежен момент, додека знаменосецот располага со 390 коњски сили и 600 Nm вртежен момент. Оваа верзија ќе може да забрза до 100 километри на час за 5.1 секунда и има максимална брзина од 200 километри на час – и ќе може да помине 580 километри со едно полнење.

Инаку, Ariya изгледа супер-модерно и воведува нова дизајнерска насока за Nissan која дизајнерите ја нарекуваат „Безвременски Јапонски Футуризам“. На предниот дел доминира големата маска, како и новото лого на Nissan. Задното стакло е со екстремно закосување, па Ariya има и купеовска форма која дополнително ја истакнува задниот спојлер. Ни се допаѓа едноделната задна светлосна група, а од Nissan кажуваат дека Ariya ќе биде дострапна со големи, 19 и 20-инчни тркала.

Поврзано:   Официјално деби на Nissan GT-R50 by Italdesign

Ariya добива и супер-модерна кабина со минималистички пристап. Во кабината нема скоро никакви физички копчиња, туку многу од копчињата се интегрирани во елементите од ентериерот. Пред возачот е поставен 12.3-инчен панел со инструменти, а на на централната конзола има уште еден таков дисплеј наменет за мултимедијата, навигацијата и слично. Ariya ги добива и најновите ProPILOT 2.0 системи за асистенција во возењето кои Nissan ги нуди. Овие системи користат седум камери, пет радари и дури дванаесет ултрасонични сензори.

Според најавите, Ariya ќе пристигне во Европа кон крајот на следната година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.