Седан-изведбата на Toyota Corolla добива GR Sport варијанта! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Седан-изведбата на Toyota Corolla добива GR Sport варијанта!

Toyota одлучи да ја направи седанската верзија на Corolla попривлечна за младите купувачи со новата GR Sport изведба.

Измените се главно визуелни, но сепак се доволни да ја направат седан-верзијата на новата Corolla (нашиот тест токму на овој модел можете да го погледнете тука) поинтересна и попривлечна за помладите купувачи.

Toyota Corolla GR SPORT добива неколку додатоци – хромираните детали околу целиот автомобил се заменети со сјајно-црни, а црни се и страничните ретровизори, столбовите на вратите и страничните прагови. Предниот браник добива црни додатоци, а купувачите ќе можат да добијат 17 или 18-инчни тркала со специјални GR ознаки и детали. Надворешниот пакет се заокружува со дискретен спојлер, црн декоративен елемент над регистерската табличка, како и GR Sport значки. Сè на сè, со овие измени најконзервативната изведба на новата Corolla станува навистина поинтересна.

Кај Corolla GR Sport дебитира и нова боја која сe вика Dynamic Grey и е носечката боја за овој модел. Секако, достапни се и други бои – вкупно осум, а седум од нив може да се комбинираат со црн кров за да се добие двобојна комбинација.

Кабината добива црн тапацир на кровот, управувач обвиен во перфорирана кожа, како и детали изработени од брусен алуминиум. Купувачите ќе добијат и спортски предни седишта со контрастни шевови во боите на Тoyota Gazoo Racing.

Toyota најави дека Corolla GR Sport ќе може да се добие со 1.8-литарскиот хибрид или 1.6-литарскиот бензинец. Производството ќе започне од Ноември, а првите испораки ќе започнат на почетокот на следната година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.