full screen background image
Search

ТЕСТ: Toyota Corolla Sedan 1.8 Hybrid Executive Plus – Toyota го трасираше патот, сега ужива во водството

Со новата Corolla, Toyota воведува еден многу важен новитет во сегментот – а тоа е масовната хибридизација која станува сè попопуларна. Токму затоа поминавме еден викенд со новата Corolla Hybrid – и тоа во верзијата која се очекува да биде најбарана кај нас.

Добар ден, и добредојдовте во новата Corolla Sedan. Колку нова? Навистина нова! Ајде да започнеме со основните работи – Corolla е поставена на најновата верзија на TNGA (Toyota New Global Architecture) платформата на Toyota и ужива во сите придобивки од тоа. Дополнително, Toyota го пензионира името Auris и ја враќа Corolla во неколку изведби – хечбек, седан и караван. Првиот официјален контакт го имаме со седанот, и тоа во најинтересната хибридна изведба. Очекуваме токму оваа варијанта да биде најпопуларна кај нас, и токму затоа го одбравме хибридниот седан како прва варијанта која ќе ја тестираме.

Седанот е поконзервативната изведба на Corolla, но воопшто не е здодевен!

Првиот контакт е интересен. Седан-изведбата на Corolla е можеби најконзервативната од сите три, но сепак мораме да признаеме дека новиот седан изгледа модерно и привлечно. Конзервативните и резервирани линии на минатата генерација се заменети со значително похрабри форми и дизајнерски одлуки – на предниот дел добиваме гоооолема маска на ладилникот, привлечни украсни елементи и тенки и широки предни светла со LED технологија.

Профилот е карактеристичен за седаните, но одлуката на дизајнерите да воведат малку „искршени“ линии ја разбива типичната здодевност на ваквите модели. Одзади добиваме големи светлосни групи и декоративен хромиран елемент кој го обвива целиот заден дел.

Сè на сè, Corolla во седанска изведба не отстапува премногу од она кое се очекува, но несомнено мораме да признаеме дека е направен огромен чекор напред во вистинската насока. Би посакале еден број поголеми алуминиумски фелни за да се комплетира сликата.

Темелно освежена и модернизирана кабина

Вториот важен новитет кај Corolla е во кабината – јапонците очигледно ги послушале критиките на медиумите и купувачите и му посветиле многу време и внимание на ентериерот. Кабината е темелно модернизирана – веќе го нема оној здодевниот дизајн, кој сега е заменет со значително помодерен. Седиме на комфорни седишта, управувачот (конечно!) се прилагодува доволно по длабочина а на централната конзола доминира големиот мултимедијален уред.

Под него се поставени контролите за клима-уредот кои се јасни и лесни за користење, а менувачот и управувачот се обложени во фина кожа. Некои од материјалите би можеле да бидат пофини на допир – но генерално немаме поголеми забелешки околу ова. Седан-верзијата има малку подолго меѓуоскино растојание во однос на хечбекот, а тоа пак резултира со повеќе простор на задната клупа, како и поголем багажник.

Багажникот нуди капацитет од 471 литар – сосем респектабилно. Отворот за багажниот простор е прилично голем, па полесно ќе внесете и поголеми предмети, но ќе забележиме на носачите на поклопецот кои навлегуваат во багажникот и ќе морате да ги имате во предвид кога пакувате, но инаку, немаме забелешки.

Најнова верзија на хибридниот погон

Хибридниот погон кај новата Corolla иако „на хартија“ е истиот како и кај „нашиот“ долгорочен C-HR – во реалноста се покажува дека не е. И официјалните спецификации кажуваат дека максималните коњски сили и вртежен момент ги постигнува на неколку стотина пониски вртежи, а ќе напоменеме дека е рекалибриран и CVT менувачот. Сето ова резултира со значително „поинволвирано“ возачко искуство – тука може да се има и забава зад управувачот.

Дополнително, вреди да напоменеме дека Corolla е значително поподготвена да работи на електрична енергија во однос на C-HR – со внимателно притискање на педалата за гас лесно се достигнуваат и 70-тина километри на час само на електрична енергија. Ги имаме истите 122 коњски сили и 142 + 163 Nm вртежен момент кои овозможуваат 100 километри на час за 11 секунди и максимални 180 километри на час. Во градски услови потрошувачката едвај надминува 5 литри на 100 изминати километри, а бидете внимателни со педалата за гас и таа може да биде и пониска.

Рекалибрираниот CVT менувач резултира и со подобрена рафинираност на отворен пат. При 120 километри на час моторот „врти“ на едвај 2000 вртежи во минута, а сето тоа резултира со прилично комфорно патување. Ќе забележиме на бучавост на пневматиците кои доаѓаат од израз баш заради инаку навистина тивката кабина. Немојте да бидете воопшто изненадени ако и при повисоки брзини погледнете кон инструмент-таблата и откриете дека возите „на батерии“.

Corolla Sedan е комфорен семеен крстосувач

Инаку, без разлика на сè, јасно е дека Corolla Седан е замислена да биде комфорен семеен крстосувач – но неговата динамичност ќе Ве изненади. Ова се должи како на цврстата шасија, така и на независната суспензија на задната оска која ја добиваат сите верзии на Corolla. Во ред – преку управувачот не се пренесуваат скоро никакви повратни информации од подлогата, но сепак управувањето е директно и прецизно и Corolla изненадува со подготвеноста да ја менува насоката на движење, без притоа нималку да влијае на комфорот во кабината – едноставно, лесно ги впива нерамнините од улиците без да пренесе несакани вибрации во кабината.

Пристигнуваме до моментот кога треба да ги заокружиме нашите впечатоци и да донесеме конеча одлука за новата Corolla – и нашите впечатоци се скоро универзално позитивни. Да, Corolla е целосно нова и воведува вистински новитети во сегментот – и тоа си има своја цена, но сепак, мораме да ги истакнеме силните атрибути – привлечниот дизајн, тивката и кофморна кабина, како и супер-економичниот хибриден систем.

Тоа се аргументи кои не е лесно да се игнорираат – а како и досега, Toyota продолжува да ги поставува правилата кога станува збор за хибридните автомобили. Храбра беше одлуката на Toyota да ги елиминира турбодизелите кај Corolla – но по поминати неколку денови и неколку стотици километри со новиот, хибриден автомобил – можеме само да заклучиме дека воопшто немало причина за страв. Секако, Corolla има ситни недостатоци – како што има секој автомобил – но мораме да признаеме дека Toyota повторно ги помести границите.

Спецификации

Модел: Toyota Corolla Sedan 1.8 Hybrid Executive Plus
Мотор: 1.8-литарски атмосферски бензинец, 4 цилиндри + електромотор
Моќност: 122 коњски сили / 3500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 142 Nm од МВС, 163 Nm од електромотор
Менувач: Автоматски безстепен CVT
Забрзување 0-100 км/ч: 11 секунди
Максимална Брзина: 180 километри на час
Должина: 4630 mm
Ширина: 1780 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1435 mm
Тежина: 1310 kg
Меѓуоскино Растојание: 2700  mm
Багажен Простор: 471 литри
Потрошувачка: 4.7 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Toyota Corolla Hatchback Comfort 1.2t – 15.990 Евра
Цена на тестираниот модел: Toyota Corolla Sedan 1.8 Hybrid Executive Plus – 24.190 Евра
Повеќе Информации: Toyota.com.mk

Фотографии

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.