ПРЕМИЕРА: Maserati Ghibli Hybrid – Втор залет за италијанскиот луксузен седан! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Maserati Ghibli Hybrid – Втор залет за италијанскиот луксузен седан!

Maserati ќе се обиде да му даде втора шанса на својот седан со новата, хибридна изведба која ветува дека може да понуди врвни перформанси но и исклучителна економичност.

Ghibli Hybrid всушност не е конвенционален хибрид, туку таканарачен mild hybrid. 2-литарскиот турбо-бензинец со соработка со 48-волтниот лајт-хибрид систем испорачува вкупно 330 коњски сили и 450 Nm вртежен момент. Дополнително, Ghibli Hybrid има и електричен компресор кој влече енергија од батеријата, а сето ова овозможува забрзување до 100 километри на час за 5.7 секунди како и максимална брзина од 255 километри на час. Потрошувачка? Според официјалните податоци, меѓу 8.5 и 9.6 литри на 100 изминати километри – бројка која воопшто не е за потценување.

Свој придонес има и тежината – благодарение на помалиот мотор, Ghibli Hybrid тежи одлични 80 килограми помалку од дизелската изведба на Ghibli. Добива и специјални резонатори во издувниот систем за да го испорача оној препознатлив Maserati звук.

Ghibli Hybrid ќе го препознаете преку сините детали – ќе ги најдете на страничните отвори за воздух, шепите од сопирачките и на дел од кругот околу трозабецот на Maserati, а во кабината ќе ја пронајдете оваа боја на шевовите од ентериерот.

Дополнително, Maserati Ghibli Hybrid добива и освежен лик – препознаваме нова предна маска, нови предни и задни светла и уште неколку поситни детали. Кабината добива нов мултимедијален уред, некои нови материјали во ентериерот, како и уште неколку други ситни измени. Сето ова е прилично убаво освежување на модел кој е на пазарот од 2013.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.