ТЕСТ: Haval H6 2.0 GDIT DCT7 4×4 Supreme – Гордо од Кина! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Haval H6 2.0 GDIT DCT7 4×4 Supreme – Гордо од Кина!

Кинескиот производител гордо го истакнува своето потекло, но и самоуверено ги потенцира своите желби. Новиот H6 е директен и конкретен пример за позиционирањето на Haval – па ајде да го разгледаме новиот кинески SUV.

Веќе некое време тврдиме дека атрибутот „кинески“ не е воопшто негативен. Всушност, со оглед на пазарните околности и желбите на купувачите – би рекле дека зборот „кинески“ веќе во моментов (а уште повеќе наскоро ќе) означува и нешто позитивно. А и зошто не би било така?

Кога пред неколку години го возевме минатиот Haval H6, го потенциравме брзиот напредок кој многу кинески производители го достигнуваат, и тоа од модел во модел. Сега, неколку години подоцна го возиме новиот H6 кој не само што можеби е новиот шампион во натпреварот за вложено-добиено, туку има потенцијал да им ги помеша сметките на значително поскапите конкуренти.

H6 е самоуверен, со дизајн кој нема набргу да застари.

Новиот H6 изгледа самоуверено. Навистина е тешко да се најде друг збор кој подобро ќе го опише ставот на кинескиот SUV – доминираат чисти и едноставни форми, како и јасни линии кои убаво ги дефинираат димензиите и квалитетите на H6.

Предниот дел е едноставен, со голема предна маска и хоризонтално-поставени светлосни групи. Браникот е длабок, со вертикални декоративни елементи со вградени светла за магла, како и широк отвор за воздух во долниот дел. На средина на предниот дел гордо стои значката Haval – и навистина, убаво е да се види дека кинескиот производител навистина нема што да крие.

Профилот е чист, со едноставни форми и линии кои се карактеристични за класичен SUV. Нема непотребни детали ниту ситници кои би го одвлекувале вниманието. Ни се допаднаа и големите тркала (кои патем, беа обвиени во Hankook пневматици), воздржаните хромирани декоративни елементи како и дискретните кровни носачи.

На задниот дел вниманието највеќе го задржува едноделниот светлосен елемент (кој е толку тренди во моментов), како и големата ознака HAVAL на петтата врата. Океј, можеби малку претерале со значките и ознаките на задниот дел – но тоа и не е некаква критика. Задниот дел добива и дискретен заден спојлер, како и дифузер во долниот дел од браникот изработен од мат-црна пластика.

Сè на сè – новиот Haval H6 изгледа самоуверено, резервирано и привлечно. Во време на непотребно комплицирани дизајни, H6 и неговата привлечна едноставност се вистинско освежување. Ова е дизајн кој ќе изгледа современо и по неколку години бидејќи едноставно нема непотребни детали и „финти“ кои предвремено ќе го остарат.

Комфорна, практична кабина со многу простор и многу технологии

Одиме внатре! Ја отвораме возачката врата и нè пречекува кабина која би ја очекувале кај значително поскап автомобил. Се сместуваме во комфорното возачко седиште и неколку минути ги впиваме првите впечатоци.

Прво и основно – седењето е комфорно и прегледно. Големите стаклени површини овозможуваат одличен поглед кон патот, но и околу автомобилот. Секако, неизбежни се димензиите на H6, па маневрирањето го олеснуваат камерите и сензорите. Но навистина, кабината е привлечна. Она кое веднаш се забележува се квалитетот на материјалите и внимателната завршна обработка – кабината е солидна и тивка, и нема никакво крцкање на материјалите, дури и по неколкуте илјади километри кои тестниот автомобил ги имаше поминато по нашите патишта.

Во ред, има некои пластики кои не ни се допаднаа – на пример, декоративната пластика во бронзена боја поставена на конзолата пред возачот и совозачот изгледа малку евтино, и некои од пластиките кои не ги допирате толку често не се на истото ниво со остатокот од кабината – но тие забелешки се навистина ситни.

Од друга страна, седиштата се комфорни и нудат одлична странична поддршка (како и греење и вентилација!) а во кабината има навистина многу места за складирање ситници и дребулии. Има простор под централната конзола, каде има и 12-волтен приклучок и неколку USB приклучоци. Секако, многу простор има и на задната клупа (и покрај сончевиот кров), па патниците (кои добиваат свои USB приклучоци и загревање и на задните седишта) навистина нема да имаат никаков проблем. Спомнавме дека H6 е голем автомобил?

Не се заборавени ниту технологиите. Пред возачот е поставен дисплеј со дијагонала од 10.25 инчи на кој се покажуваат информациите околу возењето, додека на централната конзола е поставен голем 12.3-инчен екран наменет за мултимедијата, клима-уредот и останатите функционалности. Обата екрани се со висока резолуција и се прилично лесни за разбирање и користење. Да, некои од работите се малку „скриени“ во разните менија и под-менија на централниот екран, но откако еднаш ќе ги најдете функционалностите кои ќе ви требаат – лесно се навикнувате.

Секако, мултимедијалниот екран нуди лесно поврзување со мобилен телефон. Стандардно доаѓа со Android Auto и Apple CarPlay поврзување. Кога сме кај технологиите, новиот H6 нуди и автоматско паркирање, едно чудо камери и сензори за полесно маневрирање и паркирање, но и иновативни практични решенија – на пример, кога ќе активирате трепкач и ќе почнете да навлегувате во свиок, камерата поставена во страничниот ретровизор ќе ви покаже каде точно се наоѓа тркалото на внатрешната страна на свиокот. Одлично и практично за маневрирање по тесни градски улички.

И на самиот крај, да го споменеме и багажниот простор. Преку големата петта врата се пристапува до багажникот кој нуди 600 литри со исправени задни седишта, односно дури 1485 литри со преклопена задна клупа.

Комфорен и тивок – токму каков што треба да биде.

Инаку, зад управувачот новиот H6 е токму онаков каков што и очекувавме да биде – комфорен и рафиниран. Лесно доаѓа до израз неговата наклонетост кон комфорнот наместо кон спортското возење – како што и треба да биде. H6 е голем, комфорен семеен SUV.

Да, кога ќе побарате од него подинамично возење тој може да го понуди – управувањето е директно, но без никаков фидбек – но вистината е дека H6 најдобро се снаоѓа во улогата на комфорен и практичен крстосувач. Суспензијата успева да ги исфилтрира скоро сите нерамнини од улиците, и освен малата бучавост која ја забележавме од моторот на повисоки брзини и на силно притискање на педалата за гас – во кабината е тивко и комфорно.

2-литарски турбо-бензинец, 204 коњски сили и 9.9 секунди „до стотка“.

А кога сме кај моторот – новиот H6 доаѓа со 2-литарски турбо-бензинец кој испорачува одлични 204 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 320 Nm вртежен момент од 2000 до 3200 вртежи во минута. Силата ја пренесува кон сите четири тркала преку 7-брзински DCT менувач со двојна спојка, а сето тоа резултира со спринт до 100 километри на час за 9.9 секунди, како и максимална брзина од рамно 200 километри на час.

Потрошувачката е би рекле адекватна за SUV со ваков погон и овие димензии. Во градски услови измеривме потрошувачка од околу 12 литри на 100 километри, додека на отворен пат таа паѓа под 10 литри на 100 изминати километри. За оние кои сакаат да возат поекономично, македонскиот импортер за Haval – Toltu – нуди опција за вградување плински уред со доплата.

Haval H6 е горд со своето потекло и не ги крие своите амбиции

 

По сето ова, какви се впечатоците? Темелно импресивни, би рекле. Големиот H6 гордо го истакнува своето потекло и храбро чекори кон остварување на целите на брендот. Haval има амбиции да се наметне како премиум бренд со кинеско потекло – и откако поминавме неколку дена со H6 (кој патем, наскоро ќе добие и хибридна изведба и на нашиот пазар) – немаме причини да се сомневаме во овие амбиции. H6 е голем, одлично-опремен и соодветно моторизиран. И гордо го кажува своето потекло!

Спецификации

Модел: Haval H6 2.0 GDIT DCT7 4×4 Supreme
Мотор: 2-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 204 коњски сили / 5500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 320 Nm / 2000 – 3200 вртежи во минута
Менувач: автоматски со двојна спојка, 7 брзини
0-100 км/ч: 9.9 секунди
Максимална Брзина: 200 километри на час
Должина: 4653 mm
Ширина: 1886 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1724 mm
Тежина: 1590 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2738 mm
Багажен Простор: 600 – 1485 литри
Потрошувачка: 12.2 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основиот модел: Haval H6 2.0 GDIT DCT7 4×2 Supreme – 37.000 Евра
Цена на тестираниот модел: Haval H6 2.0 GDIT DCT7 4×4 Supreme – 39.300 Евра
Повеќе Информации: Greatwall.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.