ПРЕМИЕРА: Porsche го претстави целосно-новиот, целосно-електричен Macan! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Porsche го претстави целосно-новиот, целосно-електричен Macan!

Благодарение на новата платформа и напредните технологии кои се вградуваат во него, новиот целосно-електричен Macan ветува врвни спортски перформанси и препознатливи Porsche карактеристики.

Новиот Macan е првиот модел на Porsche поставен на новата Porsche Platform Electric (PPE) архитектура. Истовремено, Porsche му даде на Macan подинамични пропорции – новиот, електричен Macan е безмалку 5 сантиметри подолг и 7.5 милиметри понизок од бензинскиот, но е и цели 22 милиметри поширок од конвенционалниот Macan. Сите изведби на електричниот Macan ќе доаѓаат со воздушна суспензија, а ќе биде достапно и управување на задните тркала.

Плус, новиот електричен Macan еволуира кон купеовска форма која е налик на Cayenne Coupe, но новиот дизајн сепак веднаш асоцира на Macan, односно на Porsche. Препознаваме нови и потенки предни светла и редизајнирани браници со странични отвори за воздух наменети да ја подобрат аеродинамиката. Профилот е низок и купеовски, со чисти површини, додека на задниот дел забележуваме нов едноделен, светлосен елемент и повторно – чисти површини и едноставни форми.

Во кабината се забележува очигледниот чекор на Porsche кон сè потемелна дигитализација. Macan ќе може да се добие со дури три екрани во централната конзола – пред возачот е поставен голем 12.6-инчен информативен дисплеј, додека на централната конзола и пред совозачот се поставени уште два екрани со дијагонала од 10.9 инчи. Екранот пред возачот доаѓа со систем за надградена реалност и проектира информации кои на возачот му изгледаат како да се 10-тина метри пред него. Секако, тука е и неизбежната интеграција со Android Auto и Apple Carplay.

Океј, но што сè нуди новата платформа? Новата 800-волтна архитектура овозможува супер-брзо полнење на батериите со максимална моќност до 270 kw. Батеријата, која е со капацитет од 100 kWh се полни од 10 до 80 проценти за само 21 минута, а системот може да ги третира батериите како две 400-волтни батерии наместо една 800-волтна, што пак овозможува побрзо полнење на 400-волтни полначи. При регенеративно кочење може да се „собере“ до максимални 240 kW енергија, а според WLTP мерењата Macan 4 може да помине до 613 километри, додека Macan Turbo ќе може да помине до 591 километар со полни батерии.

Поврзано:  Дали новите Panamera Turbo S E-Hybrid и Panamera GTS се најдоброто од спортскиот седан на Porsche?

Во ред, супер – но што значи сето тоа во однос на перформанси? „Нашата цел со новиот целосно-електричен Macan е да го понудиме најспортскиот модел во сегментот.“ – изјави Jörg Kerner, потпретседател задолжен за Macan. Macan 4 има на располагање вкупно 408 коњски сили и 650 Nm, додека Macan Turbo има на располагање 639 коњски сили и моќни 1130 Nm вртежен момент. Преведено во конкретни бројки, тоа значи спринт до 100 километри на час за 5.2 секунди за Macan 4, односно само 3.3 секунди за Macan Turbo. Максималната брзина? 220 километри на час за Macan 4, 260 километри на час за Macan Turbo.

Инаку, луѓето од Porsche се особено горди на Macan – и има зошто. Од неговото воведување на пазарот во 2014, преку 800.000 примероци се продадени и Porsche сака да го продолжи овој успех и со целосно-електричниот наследник. Новиот, електричен Macan ќе се произведува во фабриката на Porsche во Лајпциг (која ние ја посетивме кога го возевме новиот Cayenne), а првите примероци ќе бидат испорачани во втората половина од годината.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.