ТЕСТ: Haval Jolion 1.5T Supreme 7 DTC 4X2 – Доказ дека подемот на кинеските производители е во полн ек – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Haval Jolion 1.5T Supreme 7 DTC 4X2 – Доказ дека подемот на кинеските производители е во полн ек

Кинескиот гигант Great Wall силно напредува со својот SUV бренд Haval. Од неодамна, новиот Jolion е достапен и кај нас – па што „има да каже“ компактниот кинески SUV?

Jolion е новиот компактен SUV на Haval. Колку за потсетување, Haval е SUV брендот на кинескиот гигант Great Wall Motors кој не само што произведува и продава повеќе од еден милион возила ширум светот годишно, туку и континуирано ја унапредува и зголемува продажбата на сите пазари на кои е присутен. А токму бредовите како Haval (до)кажуваат дека „кинески“ веќе не лош опис туку дека автомобилите лесно се носат рамо до рамо и со докажаните, европски конкуренти.

Со дизајнот Jolion се наметнува како издржан конкурент, не како резервен играч.

Првиот контакт со Jolion веднаш наметнува дека се работи за интересен, современ модел. Рака на срце, во дизајнот препознаваме елементи кои се можеби инспирирани од некој европски (поточно германски) модел, но ќе речеме дека всушност Haval им ласка на европските конкуренти и со својот дизајн сака да се наметне како издржан конкурент, не како резервен играч.

На предниот дел визуелно се истакнува големата, хромирана предна маска на ладилникот. Околу неа се поставени хоризонталните светлосни групи кои преминуваат во вертикални со големи дневни светла. Во долниот дел од браникот има дополнителни хромирани детали кои одлично одговараат со страничните хромирани декоративни елементи во вратите и хромираниот прстен околу страничните прозорци. Формата е релативно традиционална – сепак зборуваме за SUV – но карактерната линија над рачките од вратите му дава на Jolion прилично самоуверен став.

Задните светла повторно комбинираат хоризонтални и вертикални форми а на средината на петтата врата гордо стои името Haval. Во задниот браник повторно е интегриран хромиран декоративен елемент. Забележуваме и дискретен заден спојлер кој ја заокружува приказната за современ SUV.

Сè на сè, Jolion изгледа робустно и самоуверено. Дизајнот е воглавно чист, без премногу непотребни детали. Ако имаме некаква забелешка, таа најверојатно би се однесувала на тркалата – одлично се димензионирани, но не ни се допаѓа дизајнот. Од друга страна, на Jolion одлично му прилега металик-зелената боја на нашиот тестен модел. Навистина би било срамота некој да избере некоја здодевна црна нијанса наместо оваа храбра, забележлива боја. Полн погодок!

Комфорна кабина со многу, многу технологија

Влегуваме внатре и при првиот контакт, Jolion успева да импресионира. Одамна поминаа времињата кога купување кинески автомобил значеше евтин, пластичен ентериер и никаква ергономија. Во кабината на Jolion навистина доминираат квалитетни материјали кои се привлечно текстурирани и фини на допир. Особено ни се допаѓа хоризонталниот „гребен“ на предната конзола. Воглавно, сите површини кои редовно би ги допирале се покриени со фини материјали.

Поврзано:   ТЕСТ: Haval H6 2.0 GDIT DCT7 4x4 Supreme - Гордо од Кина!

Пред возачот се поставени дигитални инструменти, додека на централната конзола има уште еден, голем екран наменет за мултимедијата и останатите системи во автомобилот. Пред него има кратенки кои се наменети за полесно наоѓање на важните функционалности. Имаме ситни забелешки на некои од функционалностите – на пример, користењето на контролите на воланот не е баш најинтуитивно, но тоа се работи кои се учат брзо.

Инаку, ергономијата е воглавно добра. Можеби малку ќе се помачите да најдете комфорна и возачка позиција бидејќи управувачот се нагодува само по висина, не и по длабочина. Но сите други опции за прилагодување се одлични, па не би требало да е проблем. Нема ни „врталче“ за аудио уредот па ќе морате да ги користите командите на воланот. Инаку, контролите кои му се потребни на возачот се веднаш достапни, па навистина немаме забелешки.

Простор во кабината има повеќе од доволно, дури и на задните седишта. Да, во ред, ова не е (пре)голем SUV, но со оглед на класата во која Jolion се натпреварува – немаме забелешки. Околу возачот и совозачот има многу места за одлагање дребулии, а ќе ги пофалиме и практичните детали – на пример безжичниот полнач за мобилен телефон, итн. Плус, мораме да ја напоменеме богатата опрема – веќе ги забележувате кожните седишта, а добиваме и панорамски сончев кров, одличен аудио-уред, греење на седиштата…

Семејните купувачи ќе го ценат багажниот простор. Преку гооолема петта врата имаме пристап до багажник со капацитет од 430 литри, односно задоволителни 1200 литри со преклопени задни седишта. Jolion можеби не е рекордер во однос на багажниот простор, но лесно се носи рамо до рамо со европските, јапонските и корејските конкуренти.

Поврзано:   ТЕСТ: Haval H6 2.0 GDIT DCT7 4x4 Supreme - Гордо од Кина!

1.5-литарски турбо-бензинец, автоматски менувач

Jolion на нашиот пазар се нуди само со една погонска конфигурација – а таа комбинира 1.5-литарски турбо-бензинец со 7-брзински автоматски менувач со двојна спојка и погон на предните тркала. Бензинецот ги исполнува ЕУРО 6 стандардите и испорачува 143 коњски сили при 5600 вртежи во минута и 210 Nm вртежен момент од 2200 до 4500 вртежи во минута. Во комбинација со автоматскиот менувач, погонот му овозможува на Jolion да забрза до 100 километри на час за 10.3 секунди и да достигне максимални 185 километри на час. Менувачот воглавно добро си ја врши работата, иако знае да биде нијанса преагресивен на тргнување па ќе морате да научите подобро да ја модулирате гаста. Потрошувачката е коректна – очекувајте околу 10-11 литри на 100 изминати километри во градски услови, односно околу 8 литри на отворено.

Во возење Jolion се однесува типично европски, дури би рекле и германски. Суспензијата е цврста без да биде тврда и некомфорна, што пак резултира со самоуверено управување. Низ серво-управувачот нема премногу повратни информации, но сепак – не би ги ни очекувале. Но навистина, Jolion ја менува насоката на движење подготвено и безбедно. Тука огромен удел имаат и системите за асистенција во возењето кои ќе Ве предупредат за да избегнете скоро било каква несакана ситуација, а многу од нив навистина го олеснуваат и го подобруваат секојдневното искуство со автомобилот. Сакате пример? Кога на отворен па го користите адаптивниот темпомат, тој во соработка со GPS уредот и сензорите во свиок самиот малку ќе ја намали брзината за да го задржи комфорот во кабината. Сакате уште? Jolion има одличен Head-up дисплеј, систем за автоматско паркирање…

Поврзано:   ТЕСТ: Haval H6 2.0 GDIT DCT7 4x4 Supreme - Гордо од Кина!

Технологиите највеорјатно се најсилниот адут кај Jolion

Всушност, би рекле дека целиот пристап на Jolion е таков. Веднаш се забележува дека инженерите на Haval посветиле внимание за да го направат лесен и комфорен за секојдневно користење и преку технологиите да го доближат до купувачите. Дали технологиите го прават еден автомобил луксузен? Не, но имаат огромен удел во тоа. Jolion се наметнува со дизајнот, навистина дарежливата листа на опрема и технологии кои купувачите ги сакаат и очекуваат.

Кога пред околу две години го возевме Haval H6, рековме дека таквите автомобили ни овозможуваат да ги надминеме предрасудите. Подемот на кинеските производители е во полн ек, а продуктите како Jolion се директен доказ за тоа.

Спецификации

Модел: Haval Jolion 1.5T Supreme 7DCT 4X2
Мотор: 1.5-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 143 коњски сили / 5500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 210 Nm / 2000 вртежи во минута
Менувач: Автоматски со двојна спојка, 7 брзини
0-100 км/ч: 10.3 секунди
Максимална Брзина: 185 километри на час
Должина: 4472 mm
Ширина: 1841 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1574 mm
Тежина: 1370 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2700 mm
Багажен Простор: 430 – 1200 литри
Потрошувачка: 10.5 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Haval Jolion 1.5T Supreme 7DCT 4X2 – 29.200 Евра
Цена на тестираниот модел: Haval Jolion 1.5T Supreme 7DCT 4X2 – 31.950 Евра
Повеќе Информации: Greatwall.com.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.