Електричниот Audi Q6 e-tron ќе дебитира до крајот на оваа година – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Електричниот Audi Q6 e-tron ќе дебитира до крајот на оваа година

Новиот електричен SUV на Audi ќе дебитира до крајот на оваа година – германскиот производител ветува батерија со капацитет од 100 kWh и преку 500 коњски сили!

На фотографиите од дискретно-маскираниот прототип кои пристигнаа од Audi забележуваме нијанса помек и пофлуиден дизајнерски јазик од она кое сме навикнати да го очекуваме од германскиот бренд. Сепак, на предниот дел доминираат тенките LED светла и големата предна маска која кај прототиповите е во бела боја. Интересно е што „маската“ е намалена и забележително подискретна – и во нашите очи поубава – од маските кај некои други модели на Audi.

Секако, Q6 e-tron ќе се нуди како конвенционален SUV, но и како подинамичен купе-SUV. Истовремено, од Audi напоменуваат дека токму Q6 e-tron ќе биде првиот модел кој ќе биде поставен врз новата PPE (Premium Platform Electric) платформа на Audi. Оваа платформа ќе ја користи Audi, но и Porsche – а производителот од Инголштад веќе вети дека истата платформа ќе биде основа за Q6 e-tron, но и поспортскиот SQ6 e-tron.

Q6 e-tron ќе користи батериски модул со капацитет до 100 kWh и ќе го придвижуваат два електромотори кои ќе испорачуваат околу 375 коњски сили, односно околу 400 коњски сили на кратки интервали – при претекнување и силно лансирање. Според Audi „обичниот“ Q6 e-tron ќе може да помине околу 600 километри со полни батерии. Спортскиот SQ6 e-tron ќе располага со 485 коњски сили, односно 510 коњски сили во Boost режим. Q6 e-tron ќе може да забрза до 100 километри на час за околу 6 секунди, додека SQ6 e-tron ќе го достигнува бенчмаркот од 100 километри на час за околу 4.5 секунди.

Q6 e-tron официјално ќе дебитира до крајот на оваа година, а продажбата се очекува да започне во првите месеци од следната.

Поврзано:   Во салонот на Audi е изложен електричниот Q4 e-tron


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.