Новиот Volkswagen ID.7 е супер-аеродинамичен – со што ја подобрува ефикасноста и го зголемува досегот – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Новиот Volkswagen ID.7 е супер-аеродинамичен – со што ја подобрува ефикасноста и го зголемува досегот

Дизајнерите и инженерите на Volkswagen посветија многу внимание за да ја усовршат аеродинамиката на електричниот седан – бидејќи токму аеродинамиката има огромно влијание врз ефикасноста и досегот.

Од Volkswagen кажуваат дека кај лимузините како ID.7, токму обликот на каросеријата придонесува кон околу 50 проценти од отпорот на воздухот. Тркалата и гумите влијаат околу 30 отсто, подот 10 отсто, а функционалните отвори низ кои струи воздухот до радијаторите во предниот дел на возилото, на пример, исто така 10 отсто.

Фактот дека новиот ID.7 е најаеродинамичниот ID модел досега може да се види на прв поглед кога се гледа силуетата на возилото (кое патем е долго речиси пет метри). Дизајнерот на Volkswagen, Даниел Шарфшверд, кажува дека „При дизајнирањето на ID.7, имаше поголем фокус на аеродинамиката отколку на било кој друг модел. Ова може да се види во нискиот преден дел, елегантната транзиција на хаубата и закосеното ветробранско стакло. Формата на кровот која е налик на купе и заострениот заден дел се исто така дизајнирани за идеални аеро-перформанси“.

Уште во раните фази на развојот на производот интензивно се работело на надворешниот дизајн, како и на подвозјето, тркалата и други фини детали. Предуслов за оптимални резултати е тесната соработка помеѓу програмерите и дизајнерите. Стефан Лансман, проектен инженер одговорен за аеродинамиката на ID.7 додава – „Ние се стремиме кон идеални решенија во итеративен процес, кој вклучува редовни консултации помеѓу одделите за развој и дизајн. Тука има многу мали чекори кои на крајот се исплатат. Бројни компјутерски симулации за пресметка на протокот на воздух се надополнети со тестови во воздушен тунел, како дел од овој процес.“

Но што всушност значи сето ова? Да започнеме од целосно-затвореното подвозје, како и дискретните аеро-елементи кај предните тркала кои го водат воздухот со минимална турбуленција. Воздушните завеси на страните на предниот браник го насочуваат воздухот околу предниот дел, а страничните прагови го контролираат протокот на воздухот во долниот дел од каросеријата.

Поврзано:  Новиот Volkswagen Tiguan пристигна во Македонија!

„Кај електричните возила, тркалата имаат поголем придонес за добрата аеродинамика и затоа особено се фокусиравме на нив“ – вели Лансман. „При дизајнирањето на фелните, примарниот фокус беше на аеродинамиката, која исто така моравме да ја усогласиме со барањата за ладење на сопирачките“ – објаснува експертот. „Фелните кои произлегоа се позатворени и затоа имаат особено добри аеродинамични својства“.

Дополнително, и други елементи се разгледувани при целосниот аеро-развој. Тука спаѓаат функционалните отвори на предниот дел, на пример, преку кои воздухот струи до ладилниците во предниот дел на возилото. Во ID.7, протокот на воздух активно се контролира со ролетна на ладилникот со цел да се намали отпорот. Електрично управуваната ролетна се отвора само кога е потребно насочено ладење на енергетските единици и батеријата. Назад, аеродинамичната ефикасност е обезбедена со идеално обликуваната задна врата и дизајнот на дифузерот и страничните разделни рабови.

Секако, сето тоа започнува со компјутерски симулации. „Работата се одвива практично само во првата година од развојот, со ажурирања на секои две недели“, вели Лансман. Дизајнерскиот тим обезбедува податоци CAD (Computer-Aided Design). Неколку илјади процесори потоа ги пресметуваат вредностите на протокот на воздух, исто така и за бројни детали како што се рачките на вратите со слеана форма и аеродинамично дизајнираните ретровизори на ID.7. „Ние влегуваме во воздушниот тунел само кога дизајнот е стабилен. Тоа може да потрае една и пол година од почетокот на развојот“, вели развојниот инженер.

Тимот користеше модели од глина во оригиналната големина на ID.7 во воздушниот тунел. Новите наоди се имплементирани на моделот со помош на фреза со милиметарска прецизност – на пример, во случај на промени на задниот дел и на рабовите за одвојување. Со помош на прототипни делови добиени преку 3Д-печатење, тимот на Стефан Лансман тестираше бројни варијанти – на пример, тестирани се надворешните ретровизори со аеродинамичен облик. На ID.7, овој процес овозможува оптимизирање на горните и долните делови на куќиштето и основата на ретровизорот за се добие што е можно помал коефициент на отпор со извонредни аеродинамични својства. Резултатот од оваа детална работа е Cd вредност од 0,23 – најдобриот коефициент на отпор на воздухот од целото Volkswagen ID семејство.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.