ТЕСТ: BMW X1 xDrive20d – Зрел баварски SUV! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: BMW X1 xDrive20d – Зрел баварски SUV!

Третата генерација на најмалиот SUV на BMW пристигнува во време кога конкуренцијата е силна и многубројна, но како силни аргументи ги има високите технологии, моќниот и ефикасен турбодизел и карактеристичната баварска динамичност.

Најмалиот SUV на BMW влезе во својата трета генерација – и токму третата генерација со себе покрај дизајнерскиот исчекор, носи и значителни технолошки подобрувања. Сегментот во кој X1 се натпреварува е безмилосен, а конкурентите се докажани – па како се снаоѓа новиот баварски SUV?

Ајде прво за оние работи кои не ги гледаме. Новиот X1 го носи внатрешното име U11 и ја дели основата со одличните нови Серија 1 (која ја возевме на нејзин „домашен терен“ околу Минхен) и Серија 2 Gran Coupe (која ја возевме во Шпанија на интернационалната презентација, но потоа и тука во Македонија). UKL2 платформата е примарно со погон на предните тркала, но истовремено е доволно флексибилна за да може да интегрира и xDrive погон на сите четири тркала. Интересен новитет кај X1 е дека паралелно беше претставен и целосно-електричниот iX1 кој доаѓа со електромотор со моќност од 313 коњски сили како и батерија со капацитет од 64.7 kWh, која пак овозможува досег на електрична енергија од нешто над 400 километри.

Сето ова значи дека новиот BMW нуди X1 за сите потреби. Оние кои сакаат електричен SUV, можат да добијат електричен SUV. Оние кои сакаат плаг-ин хибриден SUV (кој патем, може да помине до околу 90 километри на електрична енергија) можат да добијат плаг-ин хибриден SUV. Оние кои сакаат лајт-хибриден турбо-бензинец или турбодизел – можат да го добијат тоа!

Кај X1 препознаваме засебен дизајн кој наметнува поинаков, младешки карактер

Океј, откако го расчистивме тоа, можеме да зборуваме за дизајнот. На прв поглед, новиот X1 изгледа како X5, но намален за околу 30-тина проценти. Но кога ќе загледаме подобро, препознаваме засебен дизајн кој пак наметнува поинаков, помладешки карактер. На предниот дел доминираат големата (но не преголема) маска на ладилникот околу која се поставени широките хоризонтални светлсни елементи, додека под нив се длабоките контури во долниот дел од браникот. Ако загледате убаво, ќе препознаете и активни аеро-елементи меѓу нив.

Профилот е карактеристичен за еден SUV, но конвенционалната дводелна форма е раскршена со растечката профилна линија и комплексните површини како на вратите, така и околу крилата.

Исто како и предниот дел, и задниот дел е комплексен и повеќеслоен, но вниманието највеќе го привлекуваат задните светлосни групи кои се навистина интересни.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: BMW ја претстави новата Серија 1

Нагласено-тродимензионалната форма од една страна го дооформува задниот дел, а од друга страна навлегува длабоко во профилот на германскиот SUV. Тука е и нагласениот заден спојлер како и големиот заден браник.

Сè на сè – X1 успешно ја користи X5-во-мало формулата, но доволно ја менува за да изгледа препознатливо и самоуверено. Ни се допаѓа и Phytonic Blue бојата на нашиот тестен модел, но не ни се допаѓаат тркалата. BMW има поубави тркала во својата понуда.

Во кабината доаѓа до израз луксузот кој дури и најмалиот SUV на BMW го носи со себе

Одиме внатре! Ја отвораме вратата и нè пречекува кабина која е директно-инспирирана од големиот и супер-луксузен електричен BMW iX.

Пред возачот е поставен 10.25-инчен екран наменет за инструментите, додека на централната конзола е поставен уште еден со дијагонала од 10.7 инчи. Двата екрани се поставени позади едно парче закривено стакло и тоа ја создава илузијата на голем едноделен екран.

Ако еднаш сте седнале во поново BMW, брзо и лесно ќе се снајдете и во X1. Командите се генерално лесни за наоѓање и разбирање, но сепак има одредена крива на учење низ која ќе морате да поминете. BMW го следи трендот за интензивна дигитализација, па дури и контролите за клима-уредот се во централниот дигитален дисплеј. Веќе го нема ниту iDrive контролерот, но затоа BMW OS 8.0 прави работите да се прилично рационално распоредени, а доаѓа и со целосно безжично Android Auto и Apple CarPlay поврзување.

Но токму во кабината доаѓа до израз луксузот кој дури и најмалиот SUV на BMW го носи со себе. Материјалите и завршната обработка се на супер-високо ниво и скоро и да не забележавме цврсти пластики. Седиштата се супер-комфорни и се нагодуваат во мал милион насоки, па лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција. Ова е фино и комфорно место за минување многу, многу километри.

Меѓу возачот и совозачот е лебдечкиот централен гребен на кој е контролерот за преносот, копчето за одбирање режим на возење и уште неколку други алатки. Пред него е поставен безжичниот полнач за мобилен телефон кој има и „штипка“ која го држи телефонот на место за да не одлета при нагли маневри. Практично решение! Кога сме кај практичните детали, добиваме и големи џебови во вратите, два држачи за чаши во централната конзола како и USB-C приклучоци за полнење на разно-разни уреди.

Ќе немаат причина да се пожалат ниту патниците на задната клупа. Таму комфорно ќе се сместат двајца патници, а по потреба можеби и тројца – но не би го препорачале тоа на подолги патувања. Прегледноста и на задната клупа е одлична, а на патниците им се достапни засебни USB-C приклучоци во задниот дел од централниот гребен.

Поврзано:  BMW 2 добива ненаметлив фејслифт

Конечно, малку и за багажниот простор. Со исправени задни седишта, X1 нуди багажен простор со капацитет од одлични 500 литри. Преклопете ги задните седишта и багажникот расте на одлични 1600 литри, достапни преку голема и правилна петта врата. Патем, задната клупа е деллива во однос 40-20-40, па можете да правите разно-разни конфигурации во зависност од моменталните потреби.

2-литарски турбодизел со 163 коњски сили!

Пред да дискутираме за возачкото искуство, да продискутираме за погонот. Нашиот тестен модел – како што и името сугерира – дојде со погон на сите четири тркала и турбодизелски мотор. Да, турбодизел – но во овој случај, со лајт-хибридна компонента која испорачува дополнителни 13 коњски сили! Моторот е со зафатнина од 2 литри, има четири цилиндри и испорачува 163 коњски сили од 3750 вртежи во минута и одлични 400 Nm вртежен момент од само 1500 вртежи во минута. Силата ја пренесува кон подлогата преку 7-брзински Steptronic автоматски менувач со двојна спојка и xDrive погон на сите четири тркала.

Резултат на сето ова е спринт до 100 километри на час за 8.6 секунди и максимална брзина од 210 километри на час, кои стануваат уште поуверливи кога X1 е во Sport режим на работа и подготвено реагира на секое притискање на педалата за гас.

Зад управувачот X1 се однесува токму како што едно BMW треба да се однесува

И по сето ова, каков е новиот X1 зад управувачот? Би рекле – токму каков што еден BMW треба да биде. Динамичен и директен, очигледно дизајниран и конструиран за да го понуди максимумот.

Од свиок во свиок, X1 одлично „го држи“ патот и не дозволува губење на контролата. Да, во ред – ова не е спортски седан, ова е SUV – но SUV кој успева да ја сокрие својата маса и да понуди изненадувачко возачко искуство. Во најголем дел тоа се должи на одличната шасија и спортски-калибрираната суспензија која успева да го контролира навалувањето во свиоци, како и на управувањето кое (повторно, во Sport режим) нуди доволно отпор за да може да биде предвидливо, да пренесе што се случува и да влева доверба во X1.

Поврзано:  Dahler го тјунираше моќниот BMW M3 CS

Од друга страна, X1 се трансформира во комфорен и тивок сопатник како низ град, така и на отворен пат. Низ град маневрирањето е лесно благодарение на прегледната возачка позиција, големите стаклени површини и целата гама на системи за асистенција – меѓу кои е и Park Assist кој ги помни последните движења пред да паркирате за да може самиот да го извади автомобилот од паркинг местото. На отворен пат менувачот цели кон повисоките степени на пренос за да понуди што е можно потивко и порафинирано патување.

Новиот X1 не се повлекува ниту пред теренски предизвици – иако воглавно вози на предните тркала, во оние моменти кога системот ќе забележи пролизгување префрла дел од вртежниот момент и кон задните тркала за да може да совлада и теренско возење.

И секако ќе прашате – а колку троши новиот X1? Долгорочната потрошувачка по неколку илјади изминати километри на тест-возилото беше „закована“ на 5.9 литри на 100 изминати километри. Ние измеривме градска потрошувачка од нешто над 7 литри на 100 изминати километри – одлични резултати.

Заклучок: Кај третата генерација на X1 вистински доаѓаат до израз неговите гени и неговото луксузно педигре

И всушност, таква е целата приказна за новиот X1 – одлични резултати. X1 е важен модел за баварскиот бренд – само во Европа продава околу 100.000 примероци годишно – и BMW навистина не смееше да потфрли од ниту еден аспект. Новиот X1 е практичен, технолошки-напреден и веќе навистина голем SUV. Дизајнот – како и кај сите понови модели на BMW – ќе наиде на свои критичари, но јасно е дека баварскиот производител гледа кон иднината.

Зошто кажуваме дека новиот X1 е зрел баварски SUV? Најмалиот SUV во понудата на BMW секогаш бил компетентен автомобил, но со најновата, трета генерација вистински доаѓаат до израз неговите гени и неговото луксузно педигре. BMW го постави новиот бенчмарк во класата.

Спецификации

Модел: BMW X1 xDrive 20d
Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 163 коњски сили / 3500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 400 Nm / 1500 вртежи во минута
Менувач: Автоматски со двојна спојка, 7 брзини
0-100 км/ч: 8.6 секунди
Максимална Брзина: 210 километри на час
Должина: 4500 mm
Ширина: 1845 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1642 mm
Тежина: 1575 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2692 mm
Багажен Простор: 600 – 1600 литри
Потрошувачка: 7.1 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на тестираниот модел: BMW X1 xDrive 20d – 62.070 Евра
Повеќе Информации: BMW.com.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.