full screen background image
Search

ТЕСТ: BMW 2 Series Gran Coupe 218i M Sport – Рецепт за рушење предрасуди!

Кога пред неколку месеци имавме можност да седнеме зад управувачот на новата Серија 2 Gran Coupe на официјалната презентација, рековме дека несекојдневното купе со четири врати е нова авантура за BMW – но како се покажа новиот модел на нашите патишта?

Секој муабет со „хејтерите“ за новите Серија 1 и Серија 2 Gran Coupe започнува на истиот начин – „Aма не е со заден погон, не е вистинско BMW!“ и соодветниот одговор на тоа – „Е добро де, и?“.

Зошто е тоа така? Затоа што верувале или не, BMW има повеќе од доволно експертиза да направи забавен автомобил кој ќе ги исполни сите BMW-очекувања, бидејќи едноставно – BMW го има MINI. Сета експертиза и сето искуство кое баварците го имаат стекнато развивајќи ги супер-забавните мали автомобили со погон на предните тркала, се искористени за да се направи што е можно подобар автомобил кој е со погон на предните тркала.

Ниска и широка, купеовска форма.

Океј, тоа го расчистивме? Супер – одиме понатаму. Ајде сега да зборуваме за дизајнот. Новата Серија 2 Gran Coupe не е традиционално-дизајниран автомобил, и не е автомобил кој на прво гледање ќе го засакате. Има тука премногу детали кои изнудуваат реакција – и да бидеме искрени, мораме да им подадеме рака на дизајнерите на BMW за храброста. Сепак, ќе признаеме дека нам Серијата 2 Gran Coupe ни изгледа модерно и интересно – и како што често бидува, поубаво изгледа „во живо“ отколку на фотографии.

Формата е навистина купеовска – ниска и широка, со ниска силуета и ниски стаклени површини. На предниот дел доминираат предните светла, големите „бубрези“ и отворите за воздух, додека на задниот дел препознаваме дизајнерски елементи од некои други, поголеми модели на BMW. Сè на сè, Серијата 2 Gran Coupe има свој, уникатен лик кој иако нема да биде по сечиј вкус, сепак е одличен претставник за она кое пазарот во моментов го бара.

Поврзано:   Протекоа патентни фотографии од новата BMW Серија 4 Convertible

Беспрекорен ентериер, типичен за BMW.

Одиме понатаму и влегуваме внатре – кабината веќе ја познаваме. Како што рековме, веќе имавме можност да ја возиме Серијата 2 Gran Coupe на нејзиното претставување во Лисабон на почетокот на оваа година, но убаво е да се потсетиме.

Се спуштаме во ниското M Sport седиште, пред нас е одличниот M Sport управувач и јасните инструменти. Инструментите се комбинација од аналогни и дигитални – и искрено, аналогните инструменти ни се допаѓаат повеќе од дигиталните. Едноставно, има нешто убаво кај конвенционалните „стрелки.“ На врвот на централната конзола е поставен дигиталниот екран наменет за iDrive од најновата генерација, а инженерите од BMW ја донеле вистинската одлука и задржале некои од конвенционалните контроли.

Ако се прашуваме ние, iDrive системот на BMW е меѓу најлесните за секојдневно користење – а тоа е за поздрав. Екраните (оној пред возачот и оној на централната конзола) се со висока резолуција, остри, чисти и контрастни, па лесно се гледаат дури и на силна дневна светлина. Контролерот и кратенките поставени меѓу возачкото и совозачкото значително го олеснуваат користењето и едноставно – како и во другите модели на BMW, така и во 2 Series Gran Coupe е комфорно и пријатно место за седење.

Возачот и совозачот имаат повеќе од доволно место, а има и доволно места за одлагање ситници и дребулии. Во централната конзола има и посебно место за чување на вашиот мобилен телефон (плус и безжично полнење) а има и неколку USB приклучоци.

На задната клупа исто така има доволно место, но купеовската форма си го зема својот „данок“ – па на повисоките патници можеби ќе им недостасува малку повеќе простор за главите. По потреба ќе собере и тројца на задните седишта, но не би го препорачале тоа за патување кон подалечни дестинации.

Поврзано:   AC Schnitzer го надгради BMW M8 Competition на 720 коњски сили!

Конечно, да продискутираме набрзина и за багажниот простор. Багажникот на Серија 2 Gran Coupe е со капацитет од респектабилни 430 литри, отворот е прилично голем, а самиот багажник има двојно дно, како и практични додатоци како мрежи и слично – па ќе можете да фиксирате поситни предмети за да не се „шетаат“ низ багажникот.

Изненадувачки агилен турбо-бензинец!

На официјалната промоција имавме можност да го возиме моќниот 2 Series Gran Coupe 220d со 2-литарски турбодизел со 190 коњски сили, како и супер-брзиот 2 Series Gran Coupe M235i со 2-литарски турбо-бензинец со 306 коњски сили, но овој пат се дружиме со „Двојка Гран Купе“ опремена со основниот мотор. Ознаката 218i значи дека се работи за 1.5-литарски турбо-бензинец со три цилиндри кој испорачува 140 коњски сили од 4500 до 6500 вртежи во минута, како и 220 Nm вртежен момент кои се достапни од само 1480 вртежи во минута.

Во комбинација со 7-брзинскиот Steptronic менувач, вака опремениот 2GC забрзува до 100 километри на час сосем задоволителни 8.5 секунди и постигнува максимални 215 километри на час. И ова е основниот мотор! Малиот турбо-бензинец ентузијастички ги „крева вртежите“ на секое притискање на педалата за гас – а од задниот дел ќе добиете дури и прилично добар звук, кој некако успева да го избегне оној карактеристичен звук за моторите со три цилиндри.

А сето тоа е возможно без притоа да бидеме казнети со висока потрошувачка – бидете внимателни и низ град таа не би требало да надмине 8 литри на 100 изминати километри, односно околу 6 литри на 100 изминати километри на автопат.

Еден од најдинамичните автомобили со погон на предните тркала.

И сега ќе се навратиме на дискусијата околу експертизата на BMW со автомобили со погон на предните тркала. Секако, скептичните ќе останат скептични – но 2 Series Gran Coupe може да понуди вистинска забава зад управувачот. Брзото серво-управување, спортски нагоденото М-подвозје и цврстата шасија едноставно гарантираат забава – насочете ја 2GC кон свиок и таа со задоволство ќе го направи она кое го барате од неа. Дополнителна придобивка од малиот мотор е и уште полесниот – а со тоа и поагилен – преден дел.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: BMW го претстави и освежениот M5!

Да, во оние моменти кога малку ќе претерате, ќе добиете и малку подуправување – но тоа лесно предвидливо и едноставно за компензирање. И исто како и во Серијата 1 – вистинско задоволство е да се седне зад управувачот и да се „бркаат кривини.“

Хејтерите слободно нека хејтаат…

Заклучокот кој се наметнува е дека BMW 2 Series Gran Coupe не е за секого. Тоа е повеќе од јасно, и тоа не е лоша работа. Ваквите автомобили се за оние кои сакаат нешто повеќе од хечбек, а да не е тоа голем автомобил, или пак SUV. Дизајнот е намерно поларизирачки, а сè друго е типично за BMW – врвна динамика, прекрасен ентериер со беспрекорна завршна обработка и мотор кој подготвено реагира на секоја команда. Хејтерите нека хејтаат (односно, сигурно ќе го прават тоа) – но ова е навистина вистинско BMW!

Димензии

Спецификации

Модел: BMW 2 Series Gran Coupe 218i M Sport
Мотор: 1.5-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри
Моќност: 140 коњски сили / 4500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 220 Nm / 1480 вртежи во минута
Менувач: Автоматски Steptronic, 7 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 8.5 секунди
Максимална Брзина: 215 километри на час
Должина: 4526 mm
Ширина: 2081 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1420 mm
Тежина: 1375 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2670 mm
Багажен Простор: 430 литри
Потрошувачка: 8.2 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: BMW 2 Series Gran Coupe – 31.980 Евра
Акциска цена на тестираниот модел: BMW 2 Series Gran Coupe 218i M Sport Steptronic – 36.500 Евра
Повеќе Информации: BMW.com.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.