ВОЗЕВМЕ: Во Шпанија го возевме новиот електричен Hyundai Ioniq 6 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: Во Шпанија го возевме новиот електричен Hyundai Ioniq 6

На покана на Hyundai отидовме во Мадрид, каде одблиску го запознавме новиот електричен Ioniq 6.

По високите очекувања кои ги наметна со електричниот Ioniq 5, Hyundai продолжува со електричната експанзија со новиот Ioniq 6. Ако Ioniq 5 е супер-модерен електричен SUV, тогаш Ioniq 6 е истото тоа, но во (за нас) попривлечна форма со дизајн каде главниот фокус е на ефикасноста.

Ајде прво за основата. Ioniq 6 е поставен E-GMP платформата на Hyundai и Kiа, на која веќе вози Ioniq 5. Платформата е вистински исклучок во индустријата благодарение на 800-волтната архитектура која овозможува супер-брзо полнење со моќност до 350 kW. Што значи тоа? Најдете доволно брз полнач и полнењето од 10 до 80 проценти трае само 15 минути.

Ioniq 6 се нуди во неколку различни конфигурации – можете да го добиете со погон на задните тркала и батерија со капацитет од 53 или 77.4 kWh. Овие верзии имаат по само еден електромотор кој испорачува 151 односно 228 коњски сили и 350 Nm вртежен момент. Втората варијанта е онаа која нуди најголема автономија – односно дури 614 километри според WLTP мерењата.

Понатаму, тука е верзијата со батерија со капацитет од 77.4 kWh, но и два електромотори со вкупна системска моќност од 325 коњски сили и 605 Nm вртежен момент.

Оваа верзија поминува 583 километри според WLTP и токму ваква верзија возевме во и околу Мадрид. Ја искористивме и шансата со колегите од Србија да провериме што ќе се случи ако поврземе еден Ioniq 6 да полни друг Ioniq 6 преку Vehicle-to-Load (V2L) можноста електричниот автомобил да напојува друг уред.

И? Па Ioniq 6 може да полни друг Ioniq 6 со максимална моќност од 1.2 kWh – да, споро полнење, но сепак ова е функционалост која би можела да „спаси ситуација“ кога е навистина итно.

Дизајн воден од аеродинамиката

Но пред да зборуваме за возењето, да зборуваме за дизајнот и ентериерот. Интересна е стратегијата на корејските брендови да избегнат генерациска поврзаност меѓу моделите – тоа им дава слобода да бидат навистина креативни и храбри со своите дизајни. Тоа е уште понагласено кај Ioniq 6 бидејќи… Ioniq 6 од една страна нема директен претходник, а од друга страна – сака да биде различен од Ioniq 5.

Дизајнот на новиот Ioniq 6 е воден од ефикасноста и аеродинамиката. Предниот дел е низок и широк со активни аеро-елементи, а вертикалните отвори во страничните делови од браникот го насочуваат воздухот околу тркалата. Интересно е дека нема скоро никакви рабови кои би го „вознемириле“ струењето на воздухот – сè е во насока на аеродинамиката.

Профилот е низок и повторно – елиминирани се сите детали кои би ја нарушиле аеродинамиката. Дури и рачките од вратите се вовлекуваат навнатре, а конвенционалните ретровизори се заменети со камери кои проектираат на мали екрани во кабината.

Можеби најинтересен е задниот дел со неговите хоризонтални елементи и хипер-детален светлосен потпис кој има ретро-футуристички 8-битен дизајнерски стил. Можеме да речеме дека можеби малку наликува на Porsche 911 или пак на Saab 900, но вистината е дека Ioniq 6 има свој стил и форма која едноставно нема да ја помешате со ништо друго на патиштата.

А резултатот од сето ова „бркање“ на ефикасноста? Коефициент на отпор на воздухот од само 0.21 Cd!

Современа, комфорна и просторна кабина и… Дигитални ретровизори!?

Ја отвораме вратата и влегуваме во Ioniq 6. Можеме веднаш да кажеме – тешко е да се најдат замерки на кокпитот и кабината. Се седи ниско, блиску до подлогата – како што и му прилега на еден седан.

Пред возачот е поставен голем дигитален дисплеј на кој се прикажуваат сите информации околу возењето (и кој се прилагодува во зависност од избраниот режим на работа), а веднаш до него на централната конзола е поставен уште еден наменет за мултимедијалниот уред, навигацијата и нагодувањата на автомобилот. А што се оние четирите точки на управувачот? Четирите точки ја означуваат латиничната буква H во Морзеовата Азбука, а тука имаат и функција – во зависност од режимот на возење ја менуваат бојата или пак стануваат црвени кога се движите „во рикверц.“

Рачката од „менувачот“ е поставена до управувачот, а прекинувачите за прозорците се на централната конзола, меѓу возачот и совозачот – решение кое одамна не сме го виделе. Седиштата се исклучително комфорни и нудат доволно странична поддршка дури и во подинамични свиоци и се нагодуваат во сите можни насоки – а нашите беа и со греење и ладење.

Но… Ајде да зборуваме за оние „екстра“ екраните – оние кои ја извршуваат функцијата на ретровизори.

На прв контакт е малку чудно, ќе бидеме искрени – но по само неколку моменти стануваат како и секој друг страничен ретровизор со таа разлика дека е потребно значително помалку движење за да погледнете во оној на возачката страна, а истовремено во нив се прикажуаат информации околу позиционирањето на другите автомобили. Дали би ги нарачале? Најверојатно, но не би ни биле пресудни.

На задната клупа има изненадувачки многу простор, иако на прв поглед обликот на каросеријата како да го прикрива тоа. Тајната е во долгото меѓуоскино растојание и изненадувачки просторната кабина – па ниту патниците на задната клупа нема да имаат никаков проблем.

Плус, во кабината преовладува чувство на просторност и светлина и покрај високата профилна линија – ова во голем дел се должи на сончевиот кров кој го имаше нашиот врвно-опремен автомобил. Ова дефинитивно би го нарачале.

Моќен погон – „стотка“ за 5.1 секунда!

Океј, ајде малку и за искуството зад управувачот. Во нашата конфигурација, Ioniq 6 располагаше со 325 коњски сили и моќни 605 Nm вртежен момент кои благодарение на погонот на сите четири тркала овозможуваат 100 километри на час за 5.1 секунда, како и максимални 185 километри на час. Тргнувањето е комфорно, меко и тивко – како што и очекуваме од електричен автомобил, но притиснете ја десната педала до крај и Ioniq 6 катапултира нанапред со ентузијазам кој успешно ја прикрива масата од 2 тони.

Од свиок во свиок, Ioniq 6 подготвено реагира и неуморно ја менува насоката на движење. Управувањето е прецизно и директно и влева доверба во можностите на електричниот седан. Во ред, ова не е спортски автомобил – но перформансите и агилноста ќе ве убедат дека е многу, многу, многу блиску. Скоро во сите ситуации контролата на каросеријата е беспрекорна а автомобилот се однесува неутрално.

Од друга страна, кога сакате да олабавите, Ioniq 6 лесно се трансформира во комфорен и тивок крстосувач. На автопат лесно го наоѓа темпото и едноставно голта километри при автопатски брзини без тоа премногу негативно да се одрази на автономијата. Ние поминавме нешто ситно над 200 километри и се вративме со батерија која покажуваше околу 60% – и тоа во комбинирани услови на возење – од крстосување на автопат до безмалку хулиганско возење од свиок во свиок и извлекување на секоја капка перформанси која Ioniq 6 ја има. Импресивно!

Интересно е да „си поигра човек“ со селекторите за регенерација. Она што порано беа лопатки за менување брзини поставени на управувачот, сега се селектори преку кои одбирате со колкав интензитет сакате да работи регенеративното сопирање и полнење на батериите – и можете да одберете меѓу „едрење“ како кај конвенционален автомобил „во лер“ или пак возење со само една педала.

Истовремено, суспензијата успева да ги впие нерамнините од патот и да го контролира навалувањето во свиоци. Големите тркала не влијаат негативно на комфорот, дури и кога ќе налетаме на несовршени шпански патишта – нешто што за волја на вистината, навистина ретко се случува.

Полека но сигурно се враќаме кон стартната дестинација – стадионот на Atletico Madrid во… Мадрид. Огромниот објект сместува безмалку 70.000 фанови и е интересна позадина за електричниот Ioniq 6. Електричниот седан на Hyundai гордо се наметнува и привлекува погледи – неговиот дизајн е храбар и самоуверен – директна придобивка од електричниот погон и флексибилноста која ја нуди.

На крајот, заклучокот е дека дизајнерите и инженерите на Hyundai дефинитивно си дале слобода да бидат креативни и да испорачаат автомобил кој ужива во придобивките од ниската силуета, E-GMP платформата и супер-модерниот погон. Ioniq 6 е бескомпромисно различен и самоуверен – и многу многу подобар поради тоа.

Фотографии

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.