ПРЕМИЕРА: BMW ги претстави освежените X5 M Competition и X6 M Competition! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: BMW ги претстави освежените X5 M Competition и X6 M Competition!

Моќните мега-SUV модели на M-дивизијата добиваат затегнат дизајн, нови технологии и нови погонски единици со благ хибриден систем.

4.4-литарскиот твин-турбо V8 кој се вградува во BMW X5 М и X6 M сега ја носи интерната ознака S68, а тоа се должи на 48-волтниот лајт-хибриден систем со електромотор вграден во освежениот M Steptronic 8-брзински менувач. Електромоторот испорачува дополнителни 12 коњски сили и 200 Nm вртежен момент кои се користат главно при спори маневри и тргнување. Од друга страна, моторот со внатрешно согорување добива зајакнати внатрешни компоненти, нови турбополначи и нова издувна гранка.

Моќниот V8 и понатаму испорачува 625 коњски сили и 725 Nm вртежен момент, но од BMW кажуваат дека сега моторот е уште пореспонзивен и уште поефикасен. Колку што може да биде ефикасен еден 4.4-литарски твин-турбо V8, нели…

Секако, сето тоа позитивно се одразува и на перформансите – големите М-теренци забрзуваат „до стотче“ за 3.9 секунди и достигнуваат максимални 250, односно 290 километри на час доколку го одберете M Driver’s пакетот.

Во однос на дизајнот, големите X5 и X6 M добиваат потенки предни светла и редизајнирани задни светла, уште поагресивни бодикитови и поголеми тркала со дијаметар од 21 инч напред, односно 22 инчи назад. Во дизајнот препознаваме и дизајнерски елементи преземени од големиот плаг-ин хибриден XM, а од BMW напоменуваат дека достапни се и нови бои – Brooklyn Grey Metallic, Isle of Man Green Metallic и Frozen Pure Grey Metallic, но и дури 50 ексклузивни бои од BMW Individual.

Кабината го добива големиот BMW Curved Display кој дебитираше кај електричниот iX и полека но сигурно се вградува и кај останатите модели на баварскиот бренд. Овој огромен дисплеј комбинира 12.3-инчен панел за инструментите и 14.9-инчен екран наменет за инфозабавниот систем, а со него доаѓа и новиот BMW OS 8 со специјални графички елементи ексклузивни за М-дивизијата.

Меѓу другите технологии кои сега се достапни кај X5 M и X6 M ќе го спомнеме надградениот Parking Assistance Professional систем кој добива Reversing Assistant и Maneuver Asisstant програми кои ги помнат последните 200 метри и можат да асистираат при маневрирање и излегување од паркинг место – би рекле корисно, бидејќи сепак зборуваме за големи SUV модели.

Поврзано:   Во салонот на BMW во Скопје пристигна новиот X2

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.