Mercedes-Benz ја откри кабината на новата E-Класа! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Mercedes-Benz ја откри кабината на новата E-Класа!

Кај новата E-Class ќе биде достапен новиот MBUX Superscreen – но уште поинтересна е одлуката на Mercedes-Benz прво да го открие ентериерот на новиот автомобил – тоа зборува многу за насоката во која индустријата се движи.

Во официјалната презентација на ентериерот на новата E-Class, Mercedes-Benz кажува дека новиот автомобил е дизајниран „да испорача забавно искуство во кое може навистина да се навлезе“ преку интеграција со музички и видео сервиси, забавни игри и streaming содржини од различни провајдери. Сето тоа ќе се добие преку новиот MBUX Superscreen (кој е базиран на Hyperscreen) кој всушност комбинира дигитални инструменти, централно-поставен мултимедијален уред и уште еден екран наменет за совозачот.

Секако, системот ќе биде целосно интегриран со Android Auto и Apple CarPlay, но Mercedes најавува сопствен App Store (налик на Apple Store или Play Store) каде корисниците ќе можат да најдат дополнителни апликации. На самиот старт ќе бидат достапни TikTok, Angry Birds, Zoom и Webex. TikTok? Да, бидејќи автомобилот ќе има интегрирана селфи видео камера вградена над централната конзола а корисниците ќе можат да ја искористат камерата да направат фотографии или да снимат видео додека автомобилот е паркиран.

Дополнително, веќе е најавено дека дел од портфолиото на апликации ќе бидат и веб-прелистувач, како и ZYNC забавниот портал кој ќе нуди различни содржини, а ќе бидат достапни и преку 30 стриминг сервиси.

Но Mercedes-Benz оди понатаму и најавува систем базиран на Вештачка Интелигенција (ВИ) кој ќе ги препознава навиките на возачот и ќе го адаптира автомобилот во согласност со неговите потреби и навики. На пример, системот ќе може да препознае кога надвор температурата е ниска, па самиот ќе го активира клима-уредот. На почеток, ова ќе бидат пред-дефинирани рутини и инструкции, но понатаму повеќе функционалности ќе бидат префрлени кон ВИ за то да биде навистина автоматизирано.

Поврзано:  Мак Аутостар ја зголемува понудата со подолгиот Citan Tourer Long

Секако, на купувачите ќе им бидат достапни и супер-луксузни технологии – како на пример спектакуларниот Burmester 3D аудио систем со 17 звучници, напредните системи за масажа или пак 5G поврзувањето за супер-брз трансфер на податоци. Најавуваат и систем за осветлување кој ќе биде интегриран со аудио-уредот и ќе пулсира синхронизирано со звуци од музика, видео или од апликациите. Подвижна дискотека?

Но сето ова покажува уште еден тренд – производителите на автомобили сè повеќе се концентрираат на дизајнот на кабините и функционалностите кои ги нудат. Реалност која е сосем очекувана, со оглед на тоа дека автомобилите добиваат сè повеќе и повеќе технологии и „играчки“. Не сме изненадени.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.