ПРЕМИЕРА: Peugeot го претстави освежениот 508 во сите негови изведби! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Peugeot го претстави освежениот 508 во сите негови изведби!

Peugeot го претстави освежениот 508 кој добива значително изменет лик и нови технологии во кабината.

Освежениот 508 веднаш ќе го препознаете преку темелно редизајнираниот преден дел кој добива нови и потенки LED Matrix предни светла, но и нови дневни светла кои сега имаат три вертикални елементи наместо едниот елемент кој го имаат останатите модели на Peugeot. Дали е ова најава за идните модели на Peugeot? Со оглед на тоа дека кога Peugeot неодамна најави неколку нови модели за следниве неколку години покажа скица со токму ваков дизајнерски пристап – не би биле изненадени.

Дополнително, освежениот 508 добива и нова предна маска на ладилникот, како и редизајниран отвор за воздух во долниот дел од браникот. Сето ова на францускиот автомобил му дава значително понаметлив став и подинамичен лик. Секако, освежениот 508 го добива и новото лого на Peugeot. Профилот е помалку или повеќе идентичен, а измените на задниот дел се концентрирани кон графиката на задните светлосни елементи и црниот декоративен панел меѓу нив, на кој сега наместо „лавчето“ на Peugeot гордо стои токму името на францускиот бренд.

Во кабината забележуваме дискретни, но значајни технолошки промени. 508 го добива најновиот i-Cockpit како дел од надградениот 10-инчен мултимедијален уред. Новата генерација i-Cockpit дозволува персонализирање на интерфејсот на мултимедијалниот систем за полесен пристап до најчесто-користените функционалности. Дополнително, надграден е и 12-инчниот екран поставен пред возачот кој сега има нови режими за прикажување на различните функционалности – од навигацијата па сè до системите за асистенција, итн. Секако, и управувачот го добива новото лого на Peugeot.

Во однос на достапните погонски опции, освежениот 508 и понатаму ќе се нуди со 1.2-литарскиот PureTech турбо-бензинец кој испорачува 130 коњски сили, како и со 1.5-литарскиот турбодизел кој исто така нуди 130 коњски сили. Обете погонски опции ја пренесуваат силата кон предните тркала преку 8-степен автоматски менувач. Интересно (и малку збунувачки), Peugeot (барем сега за сега) не ги најавува лајт-хибридните погони со 136 коњски сили кои веќе потврди дека ќе се вградуваат во 208, 2008, 308, 408 и 3008. На одредени пазари надвор од Европа ќе се нуди и 1.6-литарски турбо-бензинец со 218 коњски сили.

Поврзано:  Новиот Peugeot 3008 пристигна во Македонија!

За оние кои сакаат повеќе моќност и поуверливи перформанси, тука се плаг-ин хибридите со 180 и 225 коњски сили. Овие верзии користат 1.6-литарски PureTech турбо-бензинец кој испорачува 150 или 180 коњски сили во комбинација со електромотор кој испорачува дополнителни 110 коњски сили, а електричната енергија доаѓа од батерија со капацитет од 12.4 kWh.

На самиот врв е Peugeot 508 Peugeot Sport Engineered (PSE) кој комбинира 1.6-литарски турбо-бензинец кој испорачува 200 коњски сили со два електромотори кои испорачуваат уште 110 односно 113 коњски сили. Вкупната, системска моќност е 360 коњски сили кои се пренесуваат кон сите четири тркала.

Секако, 508 и понатаму може да се добие како лифтбек или како караван, а истото важи и за спортскиот 508 PSE кој исто така е достапен како лифтбек со пет врати или пак како секси спортски караван. Освежениот 508 ќе пристигне во салоните во Јуни.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.