Peugeot најавува – пет нови електрични модели во следните две години, годинава пристигнуваат Е-3008 и E-5008! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Peugeot најавува – пет нови електрични модели во следните две години, годинава пристигнуваат Е-3008 и E-5008!

На E-Lion Day кој се одржа денес, францускиот бренд ги најави своите планови за следните неколку години. Меѓу другото, Peugeot најави нови погони, нови електрични модели и нови начини за поседување и користење електрично возило.

Францускиот бренд директно и отворено ја најави својата стратегија. Всушност, кажуваат дека E-Lion проектот е водечката стратегија за Peugeot во годините кои доаѓаат. Стратегијата ја базираат на пет главни врендости:

  • Екосистем од продукти и услуги базирани на STLA платформи и технологии
  • Experience, односно целосно корисничко искуство од почеток до крај, од полнење до поврзување
  • Electric, односно целосно-електрични возила и електрични варијанти од секој модел од 2025
  • Ефикасност – опсесија со максимални перформанси и минимална потрошувачка на електрична енергија. Се потенцира потрошувачка од 12.5 kWh на 100 километри кај e-208
  • Environment, односно грижа за околината и достигнување Carbon Net Zero до 2038.

На денешниот панел, главниот извршен директор на Peugeot Линда Џексон најави дека во следните две години францускиот бренд ќе лансира пет нови ЕВ (Електрични Возила). Веќе се најавени Е-308 и караванот Е-308 SW, како и електричниот E-408. До крајот на годинава ќе биде претставен и лансиран новиот E-3008 а набргу потоа ќе биде претставен и поголемиот Е-5008. Како што веќе знаеме, електричниот Е-308 добива нов погон со 156 коњски сили  кој овозможува автономија од над 400 километри со едно полнење на батериите.

Новите 3008 и 5008 се особено важни за Peugeot бидејќи токму со овие модели францускиот бред пред неколку години ја започна својата трансформација. Овие модели се примарно развиени како електрични автомобили и Е-3008 ќе биде базиран на STLA Medium архитектурата која не само што нуди неколку различни погонски опции, туку и максимална автономија од повеќе од 700 километри со едно полнење на батериите.

Истовремено, Peugeot ја искористи шансата да најави нови хибридни технологии. Новиот хибриден погон доаѓа во форма на MHEV (Mild Hybrid Electric Vehicle) поставен на 48-волтна архитектура. Овој погон ќе комбинира 100 или 136 коњски PureTech турбо-бензинец со електрифициран 6-брзински автоматски менувач со двојна спојка (E-DSC6) во кој е интегриран дополнителен електромотор кој испорачува 21 kW. Овој систем овозможува намалување на потрошувачката до 15% и според тестирањата на Peugeot ќе овозможи возење на електрична енергија повеќе од 50% од времето во урбани услови.

Поврзано:  Новиот Peugeot 3008 пристигна во Македонија!

Peugeot веќе работи и забрзано ќе работи на подобрување на глобалниот животен век на автомобилите. Според Peugeot, моменталниот животен век на еден автомобил со мотор на внатрешно согорување е околу 15 години, а целосниот животен век на идните ЕВ ќе биде меѓу 20 и 25 години. Ова ќе се овозможи преку напредните платформи на Stellantis, но и можноста за рециклирање, надградување и подобрување на постоечките автомобили, без директна потреба од нивна замена. Matthias Hossann, директорот за дизајн на Peugeot ни кажа – „Замислете дека веќе нема да има автомобили од втора рака. Наместо тоа, замислете свежи и персонализирани возила кои можете да ги обновите или надградите во било кој момент, во зависност од вашите потреби. Продукт кој цело време е во тек со времето и ја задржува својата вредност.“ Храбро!

Дел од стратегијата на Peugeot е и намалување на тежината, намалување на отпадните материјали, штедење на ресурси и заштеда на енергија. Сето ова ќе се рефлектира и на корисничкото искуство – Peugeot сака возилата да инспирираат, да бидат едноставни и достапни за купувачите, а тука улога игра и дизајнот, но и начинот на користење и купување на возилата. Од Peugeot се свесни дека возилата стануваат поскапи па се воведуваат неколку различни дополнителни опции. Едната опција е Peugeot As You Go која е лансирана во Франција и се планира да се прошири и на другите пазари. За само 150 Евра месечно се добива електричен Peugeot E208 со вклучени 500 километри за возење. Секој дополнителен километар чини дополнителни 7 центи. Другата опција е Peugeot Your Way понудата која за фиксен месечен надоместок вклучува автомобил и сите трошоци околу него – дури и полнењето.

Поврзано:  Два Peugeot 9X8 хипер-автомобили ќе се натпреваруваат и на овогодинешниот Le Mans!

На прашање од CARclub.mk, дали ориентирањето кон подостапни и помали возила кои се поефикасни и можат да поминат повеќе километри со помали батерии значи дека ќе видиме реинкарнација на Peugeot 108, Phil York, глобалниот директор на Peugeot за Маркетинг ни одговори дека ваквите автомобили се навистина популарни во Европа но се „скапи“ во контекст на емисии на CO2 и дека е тешко да се оправда инвестицијата за развој на вакви автомобили со оглед на тоа, но и бројките во кои би се продавале. Според него, Е-208 е најпродаваниот модел во својот сегмент и тоа е рецепт кој функционира.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.