ПРЕМИЕРА: Porsche Vision 357 оддава почит на легендарниот 356 – и не е електричен! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Porsche Vision 357 оддава почит на легендарниот 356 – и не е електричен!

Porsche годинава слави 75 години спортски автомобили – и првиот дел од прославата доаѓа во форма на Vision 357 кој оддава почит на легендарниот 356, а под таа секси каросерија се крие 500-коњскиот боксер од Cayman GT4!

Porsche оваа година слави важен и голем јубилеј – 75 години од Porsche 356/1 роудстерот – првиот вистински автомобил на Ferdinand „Ferry“ Porsche. Токму за да оддаде почит на 356, Porsche го дизајнираше и направи Vision 357 (и не, нема врска со 357 Magnum) – супер-модерна интерпретација на легендарниот 356 поставен врз платформата на 718 Cayma GT4 RS.

„Си направивме навистина специјален роденденски подарок во форма на Porsche Vision 357, кој го користи 356 како основа за да ја потцрта важноста на нашата дизајнерска ДНК“ – изјави Michael Mauer од Porsche и додаде дека „концептот е обид да ги искомбинираме минатото, сегашноста и иднината со вистинска кохерентност, и да искористиме пропорции кои од една страна потсеќаат на историските примери и карактеристики со детали кои го визуелизираат нашиот поглед кон иднината“.

Дизајнот е едноставно.. Прекрасен. Пропорциите се стегнати, атлетски и мускулести – што му дава на Vision 357 самоуверен и спортски став. Препознаваме детали кои би можеле да ги сместиме кај скоро сите модели на Porsche од изминативе 75 години.

Концептот е поставен на 20-инчни магнезиумски тркала кои не ги придвижува електромотор, туку врескачкиот 4-литарски шест-цилиндерски боксер кој доаѓа и во 718 Cayman GT4 RS. Овој мотор испорачува 500 коњски сили и 450 Nm вртежен момент и „врти“ до огромни 9000 вртежи во минута.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Porsche Cayenne GTS напаѓа со 4-литарски твин-турбо V8 и 500 коњски сили!

Од Porsche напоменуваат дека ова е само дизјнерска студија која не е предвидена да оди во сериско производство – а ние на ова ќе додадеме дека нема да бидеме изненадени ако германскиот бренд сепак одлучи да произведе неколку примероци во супер-лимитирана, супер-ексклузивна серија. Секако, најверојатно би чинеле многу, многу, многу пари – но со оглед на тоа дека оваа студија навистина успева да оддаде почит на 75 години историја на Porsche, зошто да не?

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.