ТЕСТ: Toyota Yaris Cross 1.5 125 6MT 2WD Fancy – „Основна опрема“ веќе не значи ништо – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Toyota Yaris Cross 1.5 125 6MT 2WD Fancy – „Основна опрема“ веќе не значи ништо

Пред една година ја возевме врвната верзија на Yaris Cross а сега сме зад управувачот на основната. Но дали одбирање на „основната“ верзија е чекор наназад?

Има нешто убаво во основните модели. Да, секогаш е убаво да ги возиме врвно-опремените верзии на автомобилите за првиот впечаток да биде позитивен и да видиме како всушност дизајнерите и инженерите замислиле тие да изгледаат и функционираат – но убавина има и во поедноставните, основни модели. Токму затоа, точно една година по врвниот Yaris Cross Premiere Edition сме зад управувачот на Yaris Cross Fancy.

Но за впечатокот да биде уште поуверлив, не е различно само нивото на опрема – различен е и погонот. Ако првиот Yaris Cross кој го возевме беше со хибриден погон и автоматски менувач, овој за кој ќе зборуваме денес е опремен со конвенционален 1.5-литарски атмосферски бензинец кој кон предните тркала преку 6-степен мануелен менувач испорачува 125 коњски сили.

Ова е скоро истиот Yaris Cross кој го возевме минатата година

Но ајде прво за дизајнот – погледнете го Yaris Cross и во неговата основна варијанта и… Ништо не му недостига. Формата ја препознаваме – ова е истиот Yaris Cross кој го возевме и минатата година, но има број-два помали тркала, поинакво осветлување и ги нема кровните носачи.

Ги нема ниту декоративните пластики во предниот и задниот браник – но во суштина, тоа е тоа. Формата на Yaris Cross ни се допаѓаше и понатаму ни се допаѓа.

Особено ни се допаѓа како е изведен задниот дел – едноделниот светлосен елемент е супер-футуристички и доаѓа до израз во комбинација со светлата сребрена боја на нашиот тестен модел – да, можеби не е највозбудливата боја, но прави Yaris Cross да изгледа поскапоцено и попривлечно, а и одлично се совпаѓа со бојата на 16-инчните алуминиумски тркала.

Практична кабина која максимално ја користи „коцкастата форма“ на Yaris Cross

Ја отвораме вратата и нè поздравува кабина која максимално го искористува просторот кој го нуди „коцкастата“ форма на Yaris Cross. Пред возачот се поставени нијанса поконвенционални дигитални инструменти со два кружни елементи и еден правоаголен дисплеј меѓу нив. На централната конзола е поставен мултимедијален уред од минатата генерација на мултимедијални уреди на Toyota – но да бидеме искрени, немаме замерки. Уредот ги прикажува сите информации кои треба да ги покаже и лесно се поврзува со мобилен телефон, за кој има место за одлагање веднаш под мултимедијалниот уред.

Поврзано:  ТЕСТ: Toyota RAV4 Plug-In Hybrid Style - Најмоќниот и најефикасниот RAV4

Под него се контролите за мануелниот клима уред. Би сакале клима уредот да е автоматски – но сепак тука зборуваме за основното ниво на опрема.

Од друга страна, Yaris Cross дури и во основното ниво на опрема има загревање на предните седишта – и тоа загревањето не е само на долниот дел на седиштето, туку и на грбот. Кажете што сакате, но греење на седиштата е одлична работа, особено во ладните зимски денови.

Просторната понуда на задната клупа е адекватна, односно е во рамките она она кое би го очекувале од моделите во оваа класа. За двајца патници има доволно место, но не би препорачале да патуваат тројца.

Инаку, кабината е практична и светла, со многу места за одлагање дребулии. Има и централен наслон меѓу возачкото и совозачкото седиште, а квалитетот на материјалите е генерално задоволителен. Секако, има некои пластики кои се нијанса поцврсти, но ништо што ќе допрете не е неквалитетно. Багажникот со своите 397 литри е меѓу најголемите во класата.

1.5-литарски атмосферски бензинец, мануелен менувач и погон на предните тркала

Ајде малку и за моторот. Ова е истиот 1.5-литарски атмсоферски бензинец кој го возевме и кај обичниот Yaris и моторот таму навистина ни се допадна бидејќи од малиот градски хечбек прави мал адреналински автомобил. Приказната тука е слична, со напомена дека ова не е автомобил од кој треба да се очекуваат спортски перформанси. 1.5-литарскиот 3-цилиндерски атмосферец испорачува 125 коњски сили при 6600 вртежи во минута и 153 Nm вртежен момент од 4800 до 5000 вртежи во минута.

Како што веќе напоменавме, силата ја испорачува кон предните тркала преку 6-степен мануелен менувач, а оваа комбинација овозможува забрзување до 100 километри на час за 10.9 секунди и и максимални 180 километри на час. Всушност, оваа комбинација е најбрзата изведба на Yaris Cross.

Поврзано:  ТЕСТ: Toyota RAV4 Plug-In Hybrid Style - Најмоќниот и најефикасниот RAV4

И повторно, импресионира еластичноста на атмосферецот. Да, перформансите не се како кај Yaris со овој мотор, кој е безмалку 2 секунди побрз „до стотка“, но сепак атмосферецот подготвено реагира на секое притискање на педалата за гас, дури и на ниски вртежи – а сето тоа е наградено и со прилично ниска потрошувачка. За време на неколкудневното тестирање потрошувачката одвај надмина 7 литри на 100 изминати километри.

Практични и корисни безбедносни технологии

Истовремено, за поздрав е одлуката на Toyota дури и во основното ниво на опрема да вклучи грст технологии за безбедност кои ги има во своето портфолио – па така Yaris Cross добива систем за следење на коловозната лента, систем за препознавање возила на патот, адаптивен темпомат кој го следи возилото пред вас, автоматско вклучување и исклучување на долгите светла (за кои прекинувачот е на малку нелогично место, под управувачот), а добива и електронска рачна кочница.

Интересен додаток е и iMT системот за додавање меѓугас кога менувате брзина – го прави „шалтањето“ во пониска брзина многу помазно и попријатно.

Лесен и прегледен, лесен за возење дури и вон асфалтот

Кога сме кај возењето – Yaris Cross и понатаму е лесен за секојдневно користење. Високата седечка позиција значи одлична прегледност а дистанцата од подлогата значи дека Yaris Cross е подготвен и за нијанса посериозни теренски авантури – дури и покрај фактот дека само предните тркала се задолжени за задвижување на возилото.

Маневрирањето и паркирањето во град е лесно и паркинг-камерата гарантира лесно влегување и во потесни паркинг-места. Серво-управувањето е лесно, педалите се меки а менувачот е со прецизен и краток од.

Поврзано:  ТЕСТ: Toyota RAV4 Plug-In Hybrid Style - Најмоќниот и најефикасниот RAV4

Единствената „музичка желба“ која ја имаме е за малку повеќе звучна изолација. Низ град тоа не е никаков проблем, но кога ќе излезете на отворен пат се забележува зголемена бучавост при повисоки брзини.

„Основна опрема“ е своевиден анахронизам и Yaris Cross е одличен доказ за тоа

Како што кажавме и кога прв пат го возевме Yaris Cross – кросоверот ги има сите силни атрибути на Yaris, но во форма која е потрендовска и поинтересна за купувачите. Плус, времето кога основните модели беа целосно соголени веќе замина во историјата – и моделите како Yaris Cross Fancy го докажуваат тоа.

Всушност, да зборуваме за „основна опрема“ своевиден анахронизам – во денешно време, дури и „основната опрема“ е богатата. Да, може да ви недостига ова или она, но ако сме искрени и објективни – на Yaris Cross Fancy не му „фали“ ама баш ништо.

Спецификации

Модел: Toyota Yaris Cross 1.5 125 6MT 2WD Fancy
Мотор: 1.5-литарски бензинец, 3 цилиндри
Моќност: 125 коњски сили / 6600 вртежи во минута
Вртежен Момент: 153 Nm / 4800 вртежи во минута
Менувач: Мануелен, 6 брзини
0-100 км/ч: 10.9 секунди
Максимална Брзина: 180 километри на час
Должина: 4180 mm
Ширина: 1765 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1595 mm
Тежина: 1300 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2550 mm
Багажен Простор: 320 литри
Потрошувачка: 7.4 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Toyota Yaris Cross 1.5 125 6MT 2WD Fancy – 23.290
Цена на тестираниот модел: Toyota Yaris Cross 1.5 125 6MT 2WD Fancy – 23.290 Евра
Повеќе Информации: Toyota.com.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.