ТЕСТ: Toyota Yaris 1.5 125 Chic XTRA BiTone – Ефикасен и моќен бензинец! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Toyota Yaris 1.5 125 Chic XTRA BiTone – Ефикасен и моќен бензинец!

Неодамна го возевме новиот Yaris во хибридна изведба. Деновиве повторно се дружевме сo Yaris, но овој пат опремен со 1.5-литарски бензинец кој испорачува одлични 125 коњски сили. Какви се впечатоците?

Новиот Yaris веќе добро го познаваме. Пред само неколку месеци го возевме во хибридна изведба и ни остави навистина позитивни впечатоци – ни се допаднаа дизајнот и управливоста, но и комфорот на јапонскиот градски хечбек.

Но лесно е да Ви се допадне автомобил со напреден хибриден погон. Бидејќи сакавме да дознаеме повеќе за Yaris и за неговите поконвенционални изведби, поминавме ден-два со примерок придвижуван од 1.5-литарски атмосферски бензинец кој испорачува одлични 125 коњски сили.

1.5-литарски атмосферски бензинец со 125 коњски сили

Новиот три-цилиндерски, 1.5-литарски атмосферски бензинец испорачува 125 коњски сили при 6600 вртежи во минута и 153 Nm вртежен момент од 4800 вртежи во минута. Реакциите при притискањето на педалата за гас се очекувано-брзи и чувството е дека испорачува и повеќе од декларираната моќност. Силата ја пренесува кон предните тркала преку одличен и прецизен 6-степен мануелен менувач, а според официјалните податоци Yaris опремен со овој мотор забрзува до 100 километри на час за рамно 9 секунди и постигнува максимални 180 километри на час.

Дополнително, кога од Yaris ќе ги извадите сите они тешки компоненти потребни за хибридниот погон, тој тежи само 1040 килограми – а сите знаеме колку многу значи ниската тежина кај еден автомобил. Ниска тежина значи подобра управливост, полесно маневрирање и подобрена ефикасност. За време на неколкудневното дружење со Yaris ние измеривме просечна потрошувачка од едвај 7 литри на 100 километри – и тоа во градски услови, без штедење. Во оние моменти кога се „посветивме на задачата“  и пробавме да ја намалиме потрошувачката, таа беше значително поблиску до 6 литри на 100 километри!

Поврзано:  ТЕСТ: Toyota C-HR 1.8 Hybrid E-CVT 2WD Cult - Очекуваниот избор

Бензинскиот Yaris е скоро 250 килограми полесен од хибридниот – а тоа значи повеќе забава зад управувачот!

Намалената тежина позитивно влијае и на управливоста. Да, хибридниот Yaris е прилично директен зад управувачот, но „бензинскиот“ е уште позабавен. Сеќавањата од хибридниот Yaris сè уште ни се свежи, а бидејќи обичниот Yaris е цели 250 килограми полесен – разликите лесно се забележуваат. Леснотијата со која Yaris втрчува од свиок во свиок и ја менува насоката е за респект, а малиот бензинец го надополнува искуството со подготвеноста да „врти“ и да го понуди максимумот.

Да, перформансите не се вчудовидувачки, но 9 секунди „до стотка“ е сосем респектабилно, особено во градски автомобил. Менувачот е прецизен и вистинско задоволство е да се менуваат брзините, а моторот работи рафинирано и мазно, и не се пренесуваат никакви вибрации во кабината.

Комфорна и просторна кабина и многу опрема.

Инаку, истите оние вредности кои ги носи и хибридниот Yaris се присутни и тука – кабината е комфорна и просторна, нивото на завршна обработка е одлично и сè на сè, кабината е пријатно место за минување време и километри. Возачот седи ниско – дури спортски – и сето тоа придонесува кон чувството дека ваквиот Yaris дури може да се смета и за некаков хот хеч.

Немаме забелешка ниту на опременоста – го добиваме истиот 8-инчен мултимедијален уред како кај хибридниот Yaris, но и мануелен клима уред, комфорни седишта, управувач и менувач обложени со кожа, електрично задвижување на сите прозорци и електрично нагодување на страничните ретровизори, загревање на возачкото и совозачкото седиште, повеќе од доволно простор и на задната клупа, сите системи за активна и пасивна безбедност кои Toyota ги нуди и многу, многу повеќе.

Ни се допадна и екстериерот на бензинскиот Yaris. Двобојната комбинација на овој модел ни се допадна повеќе од сино-белата комбинација на хибридниот модел (која во нашите очи беше малку „џандарска), но би додале и број поголеми алуминиумски тркала за сликата да биде комплетна. Инаку, сликата за екстериерот ја комплетираат и LED предните и задни светла, а ни се допаднаа и страничните ретровизори кои се во истата боја како и кровот.

Поврзано:  Mazda, Toyota и Subaru ги здружуваат силите во развивање на нови хибридни мотори

1.5-литарскиот Yaris е посебна приказна!

Ајде да ја заокружиме дискусијата. Да, Toyota е позната по хибридните автомобили и (барем според нас) сосем е логично секогаш прво да се разгледува хибридна изведба на моделите на јапонскиот бренд. Но навистина, би направиле голема грешка ако ги заобиколиме конвенционалните модели – и Yaris опремен со 1.5-литарскиот бензинец одлично до докажува тоа.

Комбинацијата од ниска тежина. Мануелен менувач и 125 коњски сили го прави ваквиот Yaris да биде безмалку хот хеч и му овозможува да понуди вистинска забава зад управувачот. Кога на сето тоа ќе ја додадеме и ниската потрошувачка, тогаш навистина станува јасно дека Yaris со 1.5-литарскиот бензинец е посебна приказна!

Спецификации

Модел: Toyota Yaris 1.5 125 Chic XTRA BiTON
Мотор: 1.5-литарски бензинец, 3 цилиндри
Моќност: 125 коњски сили / 6600 вртежи во минута
Вртежен Момент: 153 Nm / 4800 вртежи во минута
Менувач: Мануелен, 6 брзини
0-100 км/ч: 9 секунди
Максимална Брзина: 180 километри на час
Должина: 3940 mm
Ширина: 1695 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1500 mm
Тежина: 1040 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2550 mm
Багажен Простор: 286 литри
Потрошувачка: 7 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Toyota Yaris 1.0 72 Light – 12.490 Евра
Цена на тестираниот модел: Toyota Yaris 1.5 125 Chic XTRA BiTon – 16.190 Евра
Повеќе Информации: Toyota.com.mk

Фотографии

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.