full screen background image
Search

Со новиот Megane RS Ultime, Renault се збогува со RenaultSport

Renault го претстави новиот Megane RS Ultime – специјална изведба на жешкиот Meganе кој ќе биде последниот модел со оваа значка. Следните жешки модели на Renault ќе дебитираат под капата на Alpine.

Специјалниот Megane RS Ultime ќе биде произведен во само 1976 примероци со што ќе оддаде почит на основањето на Renault Sport во 1976-тата година. Сите примероци ќе бидат потпишани од тест-возачот на Renault, Laurent Hurgon – возачот кој постави многу рекорди со Megane RS.

Megnane RS Ultime добива специјален бодикит кој е цели 60 милиметри поширок на предниот дел, односно 45 милиметри на задниот дел, а добива и дополнителни аеро-додатоци и преработен дифузер со централно-поставен завршеток на издувниот систем.

Кабината добива спортски Recaro седишта обвиени во црна алкантара, странични прагови со уникатни бројки, како и потписот на Laurent Hurgon на централната конзола. Дополнително, RS Ultime добива и многу опрема – 9.3-инчен дисплеј со навигација и RS Monitor тркачка телеметрија, Bose премиум аудио уред и многу, многу повеќе.

Под поклопецот ќе го најдете веќе-познатиот 1.8-литарски турбо-бензинец од Megane RS Trophy кој испорачува одлични 300 коњски сили и 420 Nm вртежен момент. Силата ја пренесува кон предните тркала преку 6-степен мануелен или  6-степен EDC автоматски менувач со двојна спојка, како и Torsen диференцијал со ограничено пролизгување. „Аутоматикот“ забрзува до 100 километри на час за 5.7 секунди. Megane RS Ultime ја добива зацврстената и пониска Cup шасија, но и 4Control управување на сите четири тркала, Brembo сопирачки и полу-слик Bridgestone Potenza S007 пневматици.

Продажбата ќе започне оваа пролет, а фановите на Megane RS ќе имаат последна шанса да нарачаат жежок Megane со мотор со внатрешно согорување пред неговата неизбежна замена со електричен модел.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.