ПРЕМИЕРА: Спектакуларниот Inception концепт ја најавува иднината на Peugeot – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Спектакуларниот Inception концепт ја најавува иднината на Peugeot

Електричниот Inception концепт има 680 коњски сили и забрзува до 100 километри на час за помалку од 3 секунди – но уште поважно, ја најавува иднината на францускиот бренд и дизајнерските насоки кои Peugeot ќе ги следи во иднина.

Peugeot одбра да го лансира Inception на CES во Las Vegas. Можеме да шпекулираме што значи тоа, но нема никакви шпекулации околу спектакуларниот нов концепт на францускиот бренд. Според најавите, овој низок и футуристички седан со четири врати (и не, не е SUV!) најавува како ќе изгледа следната генерација на возила кои Peugeot ќе ги лансира, стартувајќи во 2025.

Inception е поставен на новата STLA Large платформа на Stellantis наменета за најголемите и најлуксузни возила на групацијата. Според информациите кои пристигнаа од Peugeot, Inception теоретски би користел два електромотори кои кон сите четири тркала би испорачувале 680 коњски сили и би овозможувале забрзување до 100 километри на час за помалку од 3 секунди. Истовремено, батеријата со капацитет од 100 kWh би овозможила автономија од над 800 километри.

Но да зборуваме за дизајнот! Да, препознаваме детали кои малку нè потсетуваат на e-Legend концептот на Peugeot од пред неколку години, но од друга страна ќе кажеме дека Inception успешно се издвојува како нов и футуристички концепт кој сепак е базиран во реалноста – на пример, тркалата асоцираат на оние кои дебитираа кај новиот 408 кој неодамна го возевме. Препознаваме и ретро детали – како на пример поклопецот на моторот кој оди над предните светла. Предните и задните светла се со LED технологија и се дизајнирани да наликуваат на лавја канџа, налик сегашниот светлосен потпис на Peugeot.

Ако мораме да одбереме детал кој ни остава најголем впечаток, тоа би било огроооомното стакло кое се протегнува од кровниот панел па сè скоро до предниот браник. Ваквиот пристап успева ги искомбинира внатрешниот и надворешниот дизајн во единствена целина. Од Peugeot најавуваат дека комбинацијата од атлетски површини, остри линии и правоаголни рамења се основата врз која ќе бидат дизајнирани идните модели на брендот. Интересен детал е Tech Bar панелот кој е вграден во вратите, кој всушност му пренесува информации на возачот додека му се приближува на автомобилот – и тоа е само најава за тоа што се случува во кабината!

Поврзано:   ВОЗЕВМЕ: Во Кан го возевме новиот електричен Peugeot E-3008!

Вистинскиот хај-тек фестивал е во ентериерот на Inception. Вниманието веднаш го привлекува Hypersquare управувачот кој е замислен да биде замена, односно следниот чекор во i-Cockpit приказната на Peugeot. Квадратниот управувач е инспириран од контролери за видео игри и комбинира централно-поставен таблет со четири контролни прстени кои се контролираат со палците.

Дали ова ќе пристигне во сериско производство? Иако делува навистина футуристички, Peugeot ветува дека ваквиот пристап ќе најде примена кај вистински автомобил до крајот на оваа декада.

Инаку, управувачот не е физички поврзан со тркалата, туку користи Steer-By-Wire технологии и може целосно да се вовлече кога е активиран системот за автономно возење од 4-ти степен. Над него е поставен Halo Cluster кружниот дигитален панел. Во остатокот од кабината доминира дизајнерски пристап кој ги крши нормите и правилата – она кое го очекуваме од ваков концепт.

Ќе признаеме дека сме среќни дека Inception е низок и широк седан наместо голем SUV – ова покажува дека Peugeot сака да „оди контра“ на нормите и да не понуди Уште-Еден-Електричен-SUV, туку да понуди нешто ниско и динамично, како што му доликува на еден ваков концепт.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.