Volkswagen го претстави својот прв електричен седан – големиот ID.7 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Volkswagen го претстави својот прв електричен седан – големиот ID.7

Големиот ID.7 ќе биде круна на електричната понуда на Volkswagen – базиран на ID.Aero концептот, големиот електричен седан ќе пристигне во втората четвртина на оваа година и ќе се нуди на глобалниот пазар.

Volkswagen на CES (Consumer Electronic Expo) ни понуди прв поглед на електричниот ID.7. Да, автомобилот е скриен позади психоделична камуфлажа свети во темница – но ова е автомобилот кој ќе го видиме во неговата финална форма за само неколку месеци. ID.7 е голем електричен седан кој е долг безмалку 5 метри, а Volkswagen сака да го позиционира како директен конкурент не само на Tesla Model 3, туку и на луксузниот Mercedes EQE.

Според најавеното, ID.7 ќе се нуди во Европа, во Северна Америка и во Кина. Големото меѓуоскино растојание од дури 2970 милиметри гарантира многу простор во кабината, а според некои информации Volkswagen цели и кон голем багажник со капацитет од над 500 литри. Истовремено, кабината добива огромен 15-инчен централно-поставен мултимедијален уред со подобрена ергономија во однос на ID.3 и ID.4, напредни гласовни команди и паметен клима уред кој ќе го препознае возачот и ќе ја прилагоди климата пред тој воопшто да влезе во автомобилот.

„Со новиот ID.7, ја прошируваме нашата гама на електрични модели во повисоките сегменти“ – изјави Thomas Schäfer, главниот извршен директор на Volkswagen Патнички Возила и додаде – „Седанот ќе понуди врвна технологија и врвен квалитет. ID.7 е еден од десетте нови електрични модели кои планираме да ги лансираме до 2026. Нашата цел? Да понудиме одржливи продукти за нашите купувачи во сите сегменти.“

Интересен детал – ID.7 нема конвенционални рачки на вратите, туку сите површини се мазни и чисти. Сето ова е со цел да се постигне подобра аеродинамика и според најавите се очекува коефициентот на отпорот на воздух да биде 0.23 или 0.24. Volkswagen најавува електрична автономија „до 700 километри“.

Оваа верзија најверојатно ќе има батерија со капацитет од 86 kWh, додека „обичните“ верзии би требало да имаат батерии со капацитет од 77 kWh. Ќе се нудат неколку различни верзии – понудата ќе започнува со верзии со еден електромотор кој испорачува 201 коњска сила, додека помоќните GTX верзии се очекува да имаат два електромотори и околу 300 коњски сили. Познавачите кажуваат дека можеме да очекуваме и караван, некаде во текот на 2024.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.