ПРЕМИЕРА: BMW го претстави i Vision Dee концептот – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: BMW го претстави i Vision Dee концептот

CES во Лас Вегас годинава е привлечен и за автомобилските брендови – BMW го претстави i Vision Dee концептот!

Футуристичкиот седан на BMW се вика I Vision Dee и според баварскиот бренд, неговата цел е да понуди длабоко Дигитално Емоционално Искуство – односно Digital Emotional Experience. Дизајнот на екстереирот е дури резервиран во однос на она што го гледаме од BMW изминативе неколку години, но сето тоа е со цел да се даде поголем акцент на технологиите во кабината. Сепак, препознаваме интересни детали од историјата на BMW – тука се неизбежните бубрези, како и двојните предни светла и неизбежниот Hoffmeister Kink. Формата нè асоцира на Е21 генерацијата на Серијата 3, но со нагласени пропорции и детали.

Истиот пристап на едноставност продолжува и во кабината – забележуваме несекојдневен управувач со централен вертикален гребен и кристални површини кои се чувствителни на допир и преку кои се контролираат многу од функционалностите. Од BMW кажуваат дека кабината е дизајнирана „на начин кој нема да одземе внимание од дигиталното искуство и новото чувство на подобрено возачко искуство“.

Какво е дигиталното искуство? Во кабината едноставно доминира иновативниот хед-ап дисплеј кој се проектира врз целото ветробранско стакло. Овој хед-ап дисплеј ги најавува сериските технологии кои ќе ги видиме во моделите базирани на Neue Klasse платформата на BMW за само две години од сега. Интересно, BMW нуди и Mixed Reality Slider кој му овозможува на возачот да одбере колку информации ќе види на хед-ап дисплејот.

Но иновативноста не завршува таму – концептот ја носи најновата итерација на E-Ink технологијата која му овозможува на автомобилот да ја смени бојата. Најновата генерација нуди дури 32 бои на екстериерот, поделени во 240 засебни сегменти, а приказната со менувањето бои ја заокружуваме со прозорците кои можат автоматски да се затемнат.

Поврзано:   Larte Design го стилизираше големиот BMW X6

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.