Opel ја надгради електричната Mokka – има повеќе моќ и поголема автономија – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Opel ја надгради електричната Mokka – има повеќе моќ и поголема автономија

Поголемата батерија и помоќниот електромотор кои ќе се вградуваат во електричната Mokka овозможуваат електричниот кросовер на Opel да има подобри перформанси и подобрена автономија на електрична енергија.

Надградбите започнуваат со новата, нијанса поголема батерија со капацитет од 54 kWh (која ќе ја замени досегашната батерија со капацитет од 50 kWh). Според WLTP мерењата, ова овозможува зголемена автономија за околу 20%, односно автономијата расте од 338 на 406 киломери. Дополнително, благодарение на помоќниот вграден полнач, Mokka може да се наполни „од нула“ до 80% за околу 30 минути на полнач со моќност од 100 kW.

Понатаму, Mokka Electric добива и помоќен електромотор кој сега испорачува 156 коњски сили и 260 Nm вртежен момент, кои пак овозможуваат забрзување до 100 километри на час за помалку од 10 секунди како и (електронски ограничена) максимална брзина од 150 километри на час. Од Opel кажуваат и дека електромоторот е поефикасен, и дека троши 15.2 kWh електрична енергија на 100 изминати километри. Истата комбинација е веќе најавена за електричниот Peugeot e-308 како и неодамна-објавената Opel Astra Electric. Интересно е дека исто како Astra Electric, и електричната Mokka ќе го користи суфиксот Electric наместо досегашната номенклатура Mokka-е. Според информациите кои ги добивме, овој чекор на Opel е поради сè поинтензивната електрификација, но и за дополнително да се издвојат електричните модели на Opel од конвенционалните.

Во соопштението кое пристигна од Opel, германците гордо се фалат дека дури 65% од продадените примероци на Mokka во Германија минатиот месец биле електрични. Ова покажува тренд на сè поголемо прифаќање на електричните возила, особено кога станува збор за мали, ефикасни компактни градски автомобили каде возењето на струја едноставно има логика.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.