ПРЕМИЕРА: Opel ја претстави целосно-електричната Astra Electric – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Opel ја претстави целосно-електричната Astra Electric

Со претставувањето на целосно-електричната верзија, Opel ја комплетира гамата на Astra со модел кој може да помине до 416 километри со едно полнење на батериите.

Според Opel, новите Astra Electric и Astra Sports Tourer Electric ќе ги електрифицираат купувачите. Интересно е дека Astra Electric не ја следи номенклатурата за електрични модели коja Opel ја започна со Corsa-e и Mokka-e, туку на постоечкото име ја додава ознаката Electric. Електричната Astra е задвижувана од електромотор кој испорачува 156 коњски сили и 270 Nm вртежен момент од првото притискатање на педалата за „гас“. На возачите ќе им бидат достапни три режими за возење – Eco, Normal и Sport, а целосно-електричната Astra има електронски-ограничена максимална брзина од 170 километри на час.

Батеријата се складира во батерија со капацитет од 54 kWh, а самата батерија е конфигурирана во 102 ќелии спакувани во 17 модули. Батеријата ѝ овозможува на Astra Electric да помине до 416 километри според WLTP мерењата и според официјалните податоци троши 12.7 kWh на 100 изминати километри. Батеријата овозможува полнење со максимална моќност од 100 kW и се полни до 80% за околу 30 минути на соодветно брз полнач. Истовремено, Astra стандардно ќе доаѓа со вграден полнач со моќност од 11 kW за полнење во домашни услови.

Батериите се вградени во подот, па не е направен никаков компромис во однос на просторната понуда за патниците и багажниот простор – па на пример, Astra Sports Tourer и понатаму нуди 516, односно 1553 литри багажен простор.

Со претставувањето на Astra Electric, Opel ја заокружува гамата на Astra. Супер-популарната Astra може да се добие како хечбек или караван (кој го возевме на официјалното претставување во Германија пред само неколку месеци), и тоа со неколку различни погони – секако, тука се бензинците и дизелите (нашиот тест тука), како и плаг-ин хибридните погони, а отсега Astra е достапна и како целосно-електричен автомобил. Во чест на лансирањето на Astra Electric, главниот извршен директор на Opel – Florian Huettl – изјави дека „Како што продолжуваме со нашата електрификациска офанзива, новата Opel Astra Electric е значителен чекор кон нашата цел да станеме целосно-електричен бренд во Европа.“

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Opel го откри грандиозниот нов Grandland!


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.