Официјално: Lamborghini ги објави сите податоци за Huracan Sterrato – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Официјално: Lamborghini ги објави сите податоци за Huracan Sterrato

„Теренскиот“ Huracan Sterrato добива суспензија повисока за 44 милиметри, како и врескачки атмосферски V10 со 610 коњски сили!

Откако пред неколку седмици Lamborghini ги објави првите фотографии од Huracan Sterrato, италијанскиот бренд денес ги објави сите технички детали околу „теренскиот“ суперавтомобил.

Најважниот новитет доаѓа во форма на надградена и за 44 милиметри повисока суспензија која го прави Huracan да е оддалечен околу 180 милиметри од подлогата. Истовремено, суспензијата е фиксна, односно нема систем за „повисоко-пониско“.

Дополнително, Huracan Sterrato добива проширени крила во кои се поставени 19-инчни тркала обвиени во теренски Bridgestone Dueler AT002 пневматици, но и заштитни алуминиумски панели под автомобилот. Од Lamborghini напоменуваат и дека е додаден и кровен тунел за воздух кој „треба да обезбеди почист воздух за моторот при теренско возење.“

Huracan Sterrato ја добива „основната“ изведба на врескачкиот атмосферски 5.2-литарски V10 на Lamborghini. Тоа значи дека кон сите четири тркала испорачува 610 коњски сили и 565 Nm вртежен момент. Преведено во перформанси, тоа значи лансирање до 100 километри на час за 3.4 секунди, како и максимална брзина која е ограничена на 260 километри на час поради теренските пневматици.

Производството на Huracan Sterrato ќе започне во Февруари следната година, а ќе бидат произведени само 1499 примероци од „теренскиот“ суперавтомобил на Lamborghini. Ако сакате еден, побрзајте!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.