full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Врвните Audi RS 6 и RS 7 Performance добиваат дополнителни 30 коњски сили и 50 Nm!

Во Audi, ознаката Performance секогаш значи повеќе моќ – па монструозните RS 6 и RS 7 добиваат Performance изведби кои имаат по 630 коњски сили и 850 Nm вртежен момент и забрзуваат до 100 километри на час за само 3.4 секунди!

4-литарскиот твин-турбо V8 TFSI кој се вградува во овие модели на Audi Sport добива надградени и поголеми турбополначи, како и зголемување на притисокот во турбините од 2.4 на 2.6 бари – а сето тоа резултира со дополнителни 30 коњски сили и 50 Nm вртежен момент. Тоа резултира со вкупно 630 коњски сили и 850 Nm вртежен момент за монструизните RS 6 Avant и RS 7 Sportback.

Дополнително, Performance моделите добиваат и (ако сме искрени, незначително) намалување на тежината за 8 килограми бидејќи е изваден дел од звучната изолација – а тоа значи дека RS 6 Performance тежи 2090 килограми додека RS 7 Performance тежи 2065 килограми. Но она за што не можеме да забележиме се перформансите – моќните модели на Audi Sport сега забрзуваат до 100 километри на час за 3.4 секунди – 0.2 секунди побрзо од „обичните“ RS 6 и RS 7.

Но надградбигте не завршуваат таму – новите модели добиваат и новоразвиен, полесен и помал централен диференцијал кој е задолжен да ја дистрибуира силата меѓу предните и задните тркала. Новиот диференцијал е „наклонет“ кон задните тркала и испорачува 60% од моќта кон задната оска во нормално возење, односно може да испорача до 85% кон задните тркала или до 70% кон предните тркала.

Performance моделите добиваат и 21 или 22-инчни тркала. Поголемите, 22-инчни тркала се изработени со специјален процес и се полесни за 5 килограми по тркало, односно овозможуваат „заштеда“ од дополнителни 20 килограми, а можете да заштедите уште 34 ако наместо стандардните челични сопирачки нарачате керамички. Овие сопирачки се дел од RS Dynamic Package Plus пакетот кој истовремено ја зголемува максималната брзина на 305 километри на час.

Новите RS 6 Avant Performance и RS 7 Sportback Performance ќе можат да се добијат во 16 различни бои, а новитет е Ascari Blue сината боја која може да се добие со мат или металик финиш, или пак Dew Silver сивата боја која е достапна само со мат финиш. Performance моделите ќе ги препознаете и по мат-сивите детали на предниот спојлер, страничните прагови, страничните ретровизори, кровните носачи и задниот дифузер.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.