ПРЕМИЕРА: BMW 3.0 CSL е специјален, славенички M4 кој оддава почит на легендарниот 3.0 CSL од 70-тите години – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: BMW 3.0 CSL е специјален, славенички M4 кој оддава почит на легендарниот 3.0 CSL од 70-тите години

BMW ја заокружува прославата на 50-годишнината на М-дивизијата со специјалниот нов 3.0 CSL кој ќе биде произведен во само 50 примероци.

Новиот 3.0 CLS е полесен и помоќен од M4 на кој е базиран – и комбинира 3-литарски твин-турбо кој испорачува 560 коњски сили, кои пак се испорачуваат кон задните тркала преку 6-степен мануелен менувач!

Да, ќе бидат произведени само 50 примероци од ретро-инспирираниот нов 3.0 CSL (и сигурни сме дека сите се веќе продадени и најверојатно вечно ќе останат скриени во подземни гаражи како дел од некакви „колекции“). Новиот 3.0 CSL е инспириран од 3.0 CSL од 70-тите години на минатиот век кој го носеше прекарот Бетмобил.

Новиот автомобил добива значително преработена каросерија со нови, помали предни бубрези (ете BMW, гледате дека може?), редизајнирани браници и нагласен заден спојлер, како и дополнителен спојлер поставен на кровот. Секако, за многу компоненти е користен карбон и CFRP, а од BMW кажуваат дека за специјалните тркачки бои се потребни 6700 часа за да се завршат. Дополнително, BMW 3.0 CSL е поставен на 20, односно 21-инчни тркала обвиени во тркачки Michelin пневматици.

Под предниот поклопец се наоѓа најмоќната верзија на 3-литарскиот линиски шест-цилиндерски турбо-бензинец на BMW. Во оваа конфигурација испорачува одлични 560 коњски сили и 550 Nm вртежен момент. Силата се пренесува исклучиво кон задните тркала преку 6-степен мануелен менувач – да, воопшто не може да се добие автоматски менувач. Од BMW кажуваат дека 3.0 CSL има однос од само 2.9 килограми за секоја коњска сила која ја испорачува, па тоа би значело дека автомобилот тежи околу 1624 килограми.

Поврзано:   BMW ги покажа новите Серии 5 и i5 Touring

Производството ќе трае само три месеци, а цената? Иако не е објавена, знаете како оди поговорката – ако морате да прашате, најверојатно не можете да си го дозволите.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.