ПРЕМИЕРА: EX90 ја започнува новата ера на Volvo – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: EX90 ја започнува новата ера на Volvo

Како што втората генерација на големиот XC90 ја започна трансформацијата на Volvo во 2015, така новиот електричен EX90 ја продлжува со отворање на целосно ново поглавје во историјата на шведскиот бренд.

Големиот EX90 добива напреден погон на сите четири тркала, а ќе се нуди во две различни изведби. Обете изведби добиваат (огромна) батерија со капацитет од 107 kWh која овозможува автономија од 600 километри, како и брзо полнење со максимална моќност од 250 kW. Разликата меѓу двете изведби е во моќноста – „обичниот“ EX90 испорачува 415 коњски сили и 770 Nm кон сите четири тркала, додека Performance изведбата испорачува 520 коњски сили и 910 Nm вртежен момент – доволни за големиот (и 2.8 тони тежок SUV) да забрза до 100 километри на час за 4.9 секунди.

Дизајнот на EX90 успешно ги продолжува начелата кои ги постави XC90, но ги турка нештата во уште пофутуристички насоки. Површините се чисти и јасни, линиите се остри и околу целиот автомобил преовладува едноставност. Нема непотребни површини ниту непотребни детали – сè е во функција на ефикасноста и ненаметливиот луксуз. На предниот дел гледаме светла со препознатливи LED елементи, додека на задниот дел доминираат големите светлосни елементи кои влечат инспирација од историјата на Volvo.

Слично е и во кабината – минимализам е зборот на денот. На средината на централната конзола е поставен огромен 14.5-инчен мултимедијален екран чувствителен на допир преку кој се контролираат скоро сите функции. Физички копчиња скоро и да нема, а од Volvo кажуваат дека ваквиот распоред го прави EX90 побезбеден за возење. Не сме 100% уверени во ова – но Volvo има одлична традиција кога станува збор за безбедноста, па останува да видиме. За централниот уред се користи Android Automotive OS оперативниот систем на Google кој овозможува врвно поврзување и добивање на информации од етерот.

Пред возачот е поставен помал дигитален дисплеј кој ги прикажува најважните информации, а во кабината се искористени безмалку 50 килограми рециклирани материјали за да се изработат елементите. Секако, кај EX90 дебитираат и грст нови супер-модерни технологии, меѓу кои и Lidar детекторот поставен над ветробранското стакло. Овој детектор ќе биде стандарден за EX90 и овозможува препознавање на пешаци кои се оддалечени и до 250 метри и истовремено ќе овозможува автономно возење од трет степен.

Поврзано:   Дамите го одбираат Women's Worldwide Car of the Year - ова се финалистите!

Иако EX90 е логичниот следен чекор во електрификацијата на Volvo, шведскиот бренд сепак не се откажува од XC90 – големиот SUV и понатаму ќе се нуди, но само како плаг-ин хибриден модел.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.