ПРЕМИЕРА: Шест цилиндри, мануелен менувач и погон на задните тркала – ова е новиот BMW M2! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Шест цилиндри, мануелен менувач и погон на задните тркала – ова е новиот BMW M2!

Контроверзниот нов BMW M2 кон задните тркала испорачува 460 коњски сили, односно 550 Nm вртежен момент!

Срцето на новиот М2 е 3-литарскиот TwinPower Turbo бензинец со шест цилиндри во линија кој ја пренесува силата кон задните тркала преку 6-степен мануелен или доколку сакате 8-брзински автоматски (но зошто би?) менувач.

Кон задните тркала се пренесуваат 460 коњски сили и 550 Nm вртежен момент, доволни за да го лансираат спортското купе до 100 километри на час за само 4.3 секунди со мануелниот менувач, односно 4.1 секунда со автоматскиот менувач. Максималната брзина е ограничена на 250 километри на час, или пак 285 километри на час доколку го нарачате M Driver’s Пакетот.

Сепак, ајде да зборуваме за она за кое ќе зборуваат сите – дизајнот. Новиот М2 го следи моменталниот тренд на BMW и доаѓа со дизајн кој е (во најмала рака) поларизирачки. Едноставно нема бегање од тоа – и ќе се согласиме дека дизајнот нема да биде по (ахем) сечиј вкус. Но според официјалните изјави од BMW, дизајнот е директна последица на функционалните барања на М-дивизијата – ладење, потисна сила, подобрена управливост и оптимизирана аеродинамика.

Големите отвори на предниот дел се за моторот да може подобро „да дише“, додека квадратните отвори во долниот дел од браникот се за подобро ладење на сопирачките. Задниот дифузер и големиот спојлер креираат потисна сила, а големите исфрлени крила овозможуваат вградување на поголеми и пошироки тркала.

Кога сме кај тркалата, M2 носи 19-инчни тркала на предната оска, односно 20-инчни на задната. Предните се широки 9.5 инчи, задните се широки 10.5 инчи, а сите тркала се обвиени во Pilot Sport 4S спортски пневматици од Michelin. Ова ќе ги радува оние кои ќе сакаат да го возат својот M2 на тркачка патека, а за нив тука е и M Drive Professional системот со 10 нивоа на прилагодување на системот за контрола на тракцијата и да можете да уживате во километарски дрифтови. Секако, тука е и M Active Диференцијалот.

Во кабината препознаваме еден куп спортски М детали – од спортските М Sport седишта (или пак карбонските M Carbon седишта), преку контрастните шевови и спортскиот управувач со М-селектори, па сè до карбонските детали. Ова е автомобил за оние кои навистина сакаат да седнат и да возат!

Поврзано:   Rimac и BMW Group објавија стратешко партнерство!

Да, новиот М2 изгледа несекојдневно, се согласуваме. Но сигурни сме дека е одлична возачка машина и се надеваме дека и ние ќе имаме можност да го возиме. Со мануелен менувач, секако!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.