ПРЕМИЕРА: Новиот Nissan X-Trail пристигнува во Европа и ќе има само електрифицирани погони – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Новиот Nissan X-Trail пристигнува во Европа и ќе има само електрифицирани погони

Новата, четврта генерација на големиот SUV на Nissan конечно пристигнува во Европа и ќе биде придвижувана од хибридни и лајт-хибридни погони.

Новиот X-Trail е базиран на CMF-C платформата и благодарение на неа добива пристап до модерни и ефикасни, електрифицирани погони. Во Европа ќе се нуди со три различни погонски опции – првата е со 1.5-литарски турбо-бензинец со варијабилна компресија кој комбинира лајт-хибридни технологии за вкупно 163 коњски сили и 300 Nm вртежен момент. Овој мотор ќе се комбинира со погон на предните тркала и Xtronic CVT автоматски менувач.

Чекор погоре e e-Power самополнечкиот хибрид. Оваа конфигурација е навистина интересна, бидејќи 1.5-литарскиот турбо-бензинец не е директно поврзан со тркалата туку функционира како генератор за електромоторот. Ваквата конфигурација значи дека моторот е прилагоден да работи на пониски вртежи заради намалување на бучавоста, а вкупната системска моќност на овој иновативен хибриден погон е 204 коњски сили. Забрзувањето до 100 километри на час трае 8 секунди а максималната брзина е 170 километри на час.

На самиот врв е верзијата со погон на сите четири тркала, која располага со системски 213 коњски сили благодарение на задно-поставен електромотор кој испорачува дополнителни 128 коњски сили. Оваа верзија има погон на сите четири тркала, забрзува до 100 километри на час за рамно 7 секунди и постигнува максимални 180 километри на час. Задолжен за контролирање на погонот на сите четири тркала е е-4ORCE системот на Nissan кој во вистинско време ја контролира дистрибуцијата на вртежниот момент.

Инак, новиот X-Trail ја зема тековната дизајнерска филозофија на Nissan (која веќе ја знаеме благодарение на новиот Qashqai кој го возевме пред неколку месеци) и ја носи во уште поголема насока. „Двоспратните“ предни светлосни елементи му даваат карактеристичен, препознатлив лик, додека профилот го дефинираат чисти и остри линии. Во кабината возачот добива 12.3-инчен дигитален инструмент-панел, како и централно-поставен NissanConnect мултимедијален уред со истите димензии. Пред возачот има и 10.8-инчен хед-ап дисплеј, а доколку го нарачате ProPILOT пакетот ќе ги добиете и најновите системи за асистенција во возењето кои Nissan ги нуди.

Интересна иновација во поглед на безбедноста е централно-поставеното воздушно перниче меѓу возачот и совозачот, наменето да спречи силен удар меѓу возачот и совозачот во случај на незгода. Не е занемарена ниту практичноста – задната клупа е лизгачка, патниците можат да имаат засебни контроли за клима уредот, задните прозорци имаат интегрирани завеси, а може да се нарача и трет ред седишта. Багажникот е со капацитет од одлични 585 литри.

Според најавеното, новиот X-Trail би требало да пристигне во салоните кон крајот на оваа, односно на почетокот на следната година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.