ТЕСТ: Nissan Qashqai 1.3 DIG-T 158 N Connecta – Трета генерација на моделот кој го редефинираше сегментот! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Nissan Qashqai 1.3 DIG-T 158 N Connecta – Трета генерација на моделот кој го редефинираше сегментот!

Со најновата, трета генерација на Qashqai, Nissan го носи својот кросовер на едно сосем поинакво, повисоко и современо ниво.

Qashqai го редефинираше сегментот на кросовери. Едноставно, нема бегање од тој факт. Кога Nissan го претстави првиот Qashqai на саемот на автомобили во Женева во 2004, никој не очекуваше дека токму Qashqai ќе направи вистинска револуција во сегментот. Од Nissan беа јасни и гласни – ова е автомобил за оние кои сакаат динамичен дизајн, но не ја сакаат агресивната природа на конвенционалниот SUV. Nissan се надеваше дека ќе продава околу 100.000 примероци годишно. Но што се случи? Само на европскиот пазар Nissan продава повеќе од 200.000 примероци годишно – изминативе 15 години!

Па да, Qashqai е важен автомобил – не само за Nissan, туку општо за автомобилите. Nissan во центар ја погоди метата кога го лансираше Qashqai, а денес ќе зборуваме за најновата, трета генерација.

Чист, привлечен и модерен дизајн.

Поставен на новата CMF-CD платформа на Renault-Nissan алијансата, Qashqai има одлични гени. А го втемелува и новиот дизајнерски пристап кај Nissan (кој веќе го запознавме кај Juke минатата година и го видовме и кај електричната Arya која треба наскоро да пристигне). На предниот дел доминираат заострената маска и интересните „двоспратни“ предни светла. Ни се допаѓаат и отворите каде обично стојат традиционалните магленки. Странично, Qashqai го дефинираат чистите и остри линии кои тежнеат кон „штипнатиот“ заден дел. Особено интересен детал на профилот ни е долната „исекотина“ во вратите која визуелно го прави Qashqai да изгледа понизок и поостар.

На задниот дел вниманието оди кон широките задни светлосни групи и кон задниот спојлер кои наметнуваат интересен, динамичен став. Единствената забелешка ја имаме кон сивиот елемент во задниот браник – едноставно ни е малку нелогичен и можеби непотребен.

Поврзано:   Nissan Juke добива освежување за 2024 година

Кога сме тука, ајде малку за димензиите – новиот Qashqai е 35 милиметри подолг, 32 милиметри поширок и 10 милиметри повисок од автомобилот кој го заменува, а и меѓуоскиното растојание е подолго за 20 милиметри. Сето тоа ветува исклучителна практичност и многу простор во кабината.

Супер-практична кабина со модерни технологии каде практичноста е на прво место.

Па ајде во кабината! Ја отвораме возачката врата и не пречекува темелно осовременет ентериер. Пред возачот е поставен голем дигитален панел со инструменти, со исклучително висока резолуција. Графичкиот приказ е јасен и лесно разбирлив, а командите на управувачот и околу него се јасни и лесни за користење. На централната конзола забележуваме уште еден, 9-инчен екран наменет за мултимедијалниот уред и навигацијата. Новиот уред доаѓа со NissanConnect функционалност, а нуди и Android Auto и Apple CarPlay поврзување. Под него се поставени отворите за вентилацијата и физичките контроли за клима уредот. На самото дно, пред менувачот добивме и „гајтанлес“ полнач за мобилни уреди.

За пофалба се и материјалите во кабината – инженерите на Nissan се потрудиле во ентериерот да доминираат квалитетни материјали и завидна завршна обработка – и навистина, немаме некакви посебни забелешки. Скоро сè што ќе допрете оддава чувство на квалитет, а многу внимание е посветено на ситните детали.

На задната клупа има импресивно многу простор, а купувачите со мали деца ќе се радуваат на фактот дека задните врати се отвораат цели 90 степени – па пристапот до задните седишта е навистина лесен. На задната клупа има повеќе од доволно простор како за нозете, така и за главите на патниците, а севкупното чувство на пространост и светлина го дополнува и стаклениот кров на нашиот тестен модел.

Поврзано:   Nissan подготви технолошко и визуелно освежување за Qashqai

Багажник? Никакви забелешки – понудата започнува со капацитет од 504 литри, а добивате и лажно дно и конфигурабилни прегради. Преклопете ги задните седишта и добивате максимални 1593 литри. Импресивно!

Ефикасен MHEV турбо-бензинец

Но како е зад управувачот? Qashqai е екстремно лесен за секојдневно користење. Прегледноста е одлична, а маневрирањето го олеснуваат сензорите и камерите. Управувачот е супер лесен и лесно се маневрира и низ потесен простор.

Нашиот тестен автомобил дојде со 1.3-литарски 4-цилиндерски DIG-T турбо-бензинец кој испорачува 158 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 270 Nm вртежен момент од 1800 до 3750 вртежи во минута. Моторот има и лајт-хибриден систем за подобрување на ефикасноста, а во нашата конфигурација ја испорачуваше силата кон предните тркала преку 6-степен автоматски менувач.

И ваквата конфигурација е прилично убедлива – 100 километри на час пристигнуваат за 9.2 секунди, додека максималната брзина е 199 километри на час. Бидете внимателни и во градски услови на возење можете да очекувате потрошувачка од околу 8.5 литри бензин на 100 изминати километри. На отворено е нијанса пониска, секако.

Самоуверен и динамичен

Импресионира и рафинираноста на Qashqai, а ние најверојатно би го препорачале со автоматски менувач – бидејќи „автоматикот“ едноставно повеќе му прилега на еден кросовер. Не дека манулениот менувач е лош – напротив, менувачот е прецизен и со одмерен од. Едноставно, со автоматски менувач, возењето би било уште поопуштено. Во понудата има и погон на сите четири тркала, кој дополнително добива и независна суспензија на задната оска.

Qashqai успешно ги филтрира нерамнините од патиштата и не пренесува никакви несакани вибрации во кабината, а изненадува неговата рафинираност и на повисоки брзини – дури и на автопатски брзини, во кабината е исклучително тивко и лесно се „тера муабет“.

Поврзано:   Nissan и Honda разгледуваат опции за заедничка соработка

5 ѕвездички на EuroNCAP

Секако, Qashqai ги добива и сите модерни технологии за безбедност и асистенција во возењето. Во денешно време, навистина нема потреба да зборуваме за бројка на воздушни перничиња и слично – барем не кај ваквите автомобили. Доволно е да се каже дека Qashqai освои максимални 5 ѕвездички на EuroNCAP тестовите.

Очекувањата се големи – но Qashqai ги надминува!

Имајќи го сето тоа предвид, лесно е да се изведе заклучокот дека Nissan навистина знае што прави. Приказната на новиот Qashqai започнува со привлечниот дизајн (но ние можеби би избрале некоја посветла боја), а продолжува со просторната и практична кабина и се заокружува со рафинираниот бензинец и управувањето кое влева доверба во јапонскиот кросовер. Има зошто Qashqai се смета за основач на сегментот, и има зошто е еден од најпродаваните во него – ги исполнува и надминува очекувањата во секој поглед.

Спецификации

Модел: Nissan Qashqai 1.3 DIG-T 158 MHEV N Connecta
Мотор: 1.3-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 158 коњски сили / 5500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 270 Nm / 1800 – 3750 вртежи во минута
Менувач: Мануелен, 6 брзини
0-100 км/ч: 9.2 секунди
Максимална Брзина: 199 километри на час
Должина: 4425 mm
Ширина: 2084 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1625 mm
Тежина: 1468 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2665 mm
Багажен Простор: 504 – 1539 литри
Потрошувачка: 8.8 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Nissan Qashqai 1.3 DIG-T 140 MHEV Visia – 28.900 Евра
Цена на тестираниот модел: Nissan Qashqai 1.3 DIG-T 158 MHEV N Connecta – 34.450 Евра
Повеќе Информации: NISSAN.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.