ПРЕМИЕРА: Aston Martin DBX 707 е најмоќниот луксузен SUV со – погодувате – 707 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Aston Martin DBX 707 е најмоќниот луксузен SUV со – погодувате – 707 коњски сили!

Моќниот V8 кој се вградува во DBX а потекнува од AMG е доработен да испорачува 707 коњски сили и 900 Nm вртежен момент!

Aston Martin DBX 707 е новиот крал на луксузните SUV модели. Неговото срце доаѓа од Афалтербах, односно од AMG, но моќниот твин-турбо V8 е доработен да испорачува 707 коњски сили и 900 Nm вртежен момент – тоа е дури 157 коњски сили и 200 Nm повеќе од стандардниот DBX. Тоа го прави DBX 707 помоќен од веќе монструозните Lamborghini Urus и Bentley Bentayga Speed.

Силата се пренесува кон сите тркала преку 9-брзински автоматски менувач и надграден диференцијал. Резултат? Лансирање до 100 километри на час за само 3.2 секунди и максимални 310 километри на час. Секако, преработена е и шасијата на моќниот луксузен SUV – адаптивната суспензија има нови компоненти, а рекалибрирано е и управувањето. Сопирачките се надградени и сега предните се со дијаметар од 420 милиметри а задните со дијаметар од 390 милиметри.

Екстериерот е надграден со нов бодикит и нови аеро-елементи, како и нови 22 или 23-инчни (ковани) тркала. На предниот дел забележуваме поголеми и поагресивни отвори за воздух и голем преден сплитер, а на задниот дел препознаваме агресивен дифузер. Секако, има и многу карбонски елементи и мал милион ситни додатоци. Во нашите очи, дизајнот е прекомплициран и дури непривлечен – и милион километри далеку од рафинираниот и достоинствен DB9 од почетокот на 2000-тите години.

Испораката на најновиот во низата непотребни, вулгарни SUV модели, ќе започне во втората четвртина од 2022. Сигурни сме дека листата на нарачки е веќе долга неколку километри.

Поврзано:   Aston Martin го освежи DBX707

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.