full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Kia го претстави освежениот Xceed

Освежениот Xceed не само што за прв пат добива и GT-Line верзија, го добива и моќниот 1.6-литарски турбо-бензинец со повеќе од 200 коњски сили кој оди во Ceed и Proceed GT!

Kia континуирано работи на усовршување на своите модели, а за тоа говори и кросоверската изведба на Ceed која доби прилично темелно освежување. Со освежувањето, Xceed добива изменети предни и задни браници, редизјанирани предни и задни светлосни групи, како и заден дифузер и големи 18-инчни тркала. Интересно, за прв пат Xceed добива и GT-Line изведба со уште подинамични браници со поголеми отвори за воздух, како и потенка предна решетка. Xceed GT-Line ќе може да се комбинира со 1.6-литарскиот турбо-бензинец кој испорачува 204 коњски сили и 265 Nm вртежен момент, кој кај Ceed и Proceed се добива само кај врвните GT изведби.

За оние на кои не им е потребен толку моќен мотор, тука е одличниот 1-литарски T-GDI со 120 коњски сили и 172 Nm вртежен момент, кој сега се комбинира со лајт-хибридни технологии. Секако, во понудата останува и одличниот 1.5-литарски T-GDI со 160 коњски сили кој неодамна го возевме во Ceed GT-Line. Тука е и целосно-хибридната опција со 1.6-литарски атмосферец кој се комбинира со електромотор за вкупно 141 коњска сила и 265 Nm вртежен момент кои се пренесуваат кон предните тркала преку 6-брзински автоматски менувач со двојна спојка.

Според официјалните мерења, плаг-ин хибридниот Xceed може да помине околу 50 километри на струја со полни батерии. За оние кои сакаат турбодизел, тука е 1.6-литарскиот CRDi со лајт-хибридни технологии кој испорачува 136 коњски сили и 320 Nm вртежен момент.

Кабината нема претрпено преголеми измени, но Xceed GT Line добива поспортски GT-Line седишта, а сите верзии ја добиваат најновата генерација на Kia Connect со целосна Android Auto и Apple CarPlay интеграција, а технолошкото освежување носи и USB-C приклучоци на прединте и задните седишта. Оние кои сакаат целосно-дигитални инструменти ќе можат да нарачаат 12.3-инчен дигитален дисплеј пред возачот.

Поврзано:   Kia и Hyundai ќе користат навигација од TomTom

Освежениот Xceed ќе се произведува во Словачка, а првите примероци се очекуваат во Септември.

 

 

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.