CARCLUB ИНТЕРВЈУ: Vincent Cobée, Главен Извршен Директор на Citroen: Нашиот бренд е изграден од срце, страст и она француското je ne sais quoi! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

CARCLUB ИНТЕРВЈУ: Vincent Cobée, Главен Извршен Директор на Citroen: Нашиот бренд е изграден од срце, страст и она француското je ne sais quoi!

За време на неодамнешната презентација на новиот Citroen C4X, имавме можност да седнеме и да поразговараме со Vincent Cobée кој во моментов е Главен Извршен Директор (CEO) на Citroen, и да позборуваме за предизвиците, електрификацијата и експанзијата на францускиот бренд.

Нешто повеќе од две години сте на челото на Citroën. Вашата визија беше предизвикана од проблемите со кои се соочува целата индустрија. Имавте големи амбиции и планови, колку ги исполнивте?

VC: Се надевате на најдоброто, планирате за најлошото и се справувате со она кое ќе го добиете. Фер би било да кажеме дека изминативе 28 месеци беа „исполнети“ со пандемијата, недостаток на чипови, инфлација на цените на сировите материјали, логистички ограничувања, потенцијална економска криза но и геополитичка тензија. Тоа е природата на светот пред нас. А секако, тука е и Stellantis – мал детал. Сепак, да бидеме искрени – она кое сакавме највеќе да го направиме е да го донесеме Citroen брендот кон повеќе од една димензија. Да го подигнеме просечниот производ не само во цената, туку и во содржините и привлечноста. Сакавме да бидеме на самиот раб на енергетската транзиција, да се прошириме географски и континуирано да го динамизираме брендот кој е изграден од срце, страст и она француското je ne sais quoi.

Пазарното проширување го постигнавме. Зголемените бројки ги постигнавме и го лансиравме секој продукт на време, на нивото на компетитивност кое го сакаме, со квалитетот кој го сакме. Го лансиравме Ami – нешто за кое сите рекоа дека е нешто невообичаено, но е вистински одговор за проблем кој не знаевме дека го имаме – достапна, чиста мобилност. Го лансиравме C4 и електричната верзија стана најпродаван модел во сегментот во Европа. Ги победивме другите производители овој Април. Од друга страна, тука е C5 X, малку поинаков пристап кон ова – може да го сакате, може да го мразите, но нема да ве остави рамнодушни. А го лансиравме на време, со вистинското ниво на квалитет.

Истовремено, го лансиравме и освежениот C5 Aircross, најдобриот SUV од Ц-сегментот во Европа. Го следиме планот за воздигнување на брендот во контекст на продукти, но и ја зајакнуваме личноста на Citroen брендот. На пример, со Ami навистина уживаме во контекст на комуникацијата. Брендот има текстура, страст, амбиции и истовремено ја ребалансираме географската покриеност.

Нештата се движат. Електричната транзиција се движи. Кога го лансирав C4 во Јуни 2021, реков дека ќе бидам задоволен ако 20% од продадените примероци се електрични. Во првата година 25% беа електрични, 40% се електрични во овој момент. Сакам да „го јавам бранот“ пред бранот, тоа е најдоброто место за сурфање. Citroen е бренд кој зборува со вас, се шегува со вас, бренд кој е топол и бренд кој би го повикале во вашата кујна.

Која е целната група купувачи за новиот C4 X и кои се неговите главни конкуренти?

VC: Ќе ви понудам три типични купувачи. Првиот е успешен бизнисмен на 25 до 40 години кој сака статус, но и функционалност, модерност и сето тоа по прифатлива цена. Ова е очекување на следниот чекор по конвенционалниот SUV во разноврсна околина. Вториот пример е човек од јужна Европа кој сака простор и мобилност по прифатлива цена и со одличен комфор. Шпанија и Италија се земји каде имаме одличен пазарен удел и луѓето бараат комфорен транспорт. Трето – професионален возач во северна Европа, кој сака 100% електрично возило, задоволителна автономија и издржливост – и секако, по вистинската цена. Добредојдовте во разноврсен свет – но ние имаме единствен продукт, прилагодлив за сите тие пазари.

А цената?

VC: Конкурентна.

Колку беше тешко да се донесе одлука да се оди само со електрична верзија? Мислам дека споменавте 14 европски земји.

VC: Земјите кои не го допираат Медитеранот ќе одат кон целосно-електричен C4 X. Да ја погледнеме реалноста – првиот пат кога ќе предложите ваков чекор сте изненадени. Но кога ќе погледнете што се случува во нордиските земји, каде 80% од продадените примероци на C4 се електрични, се прашувате – зошто воопшто „да се замараме?“. Заземете го вашиот став, направете го јасен и стојте во вашите чевли.

Попроблематични земји беа Германија и Обединетото Кралство каде осцилираме од месец до месец во зависност од субвенциите. Одиме од 40% до 70% продадени електрични возила. Во тие пазари имаме 2-3% пазарен удел, но имаме амбиции и рековме – ајде да бидеме јасни. Претпочитаме да сме чекор понапред отколку чекор поназад. Сакате конвенционален мотор во Обединетото Кралство и Германија? C4 е за вас. C5 X е за вас. Значи, каков ризик преземаме? Не е голем, но сакавме да заземеме конкретен став.

На други пазари – Италија, Шпанија, Франција, прво имаме огромен пазарен удел со огромна бројка на сопственици кои сè уште не се подготвени за електрификација. Затоа таму кажуваме – автомобилот може да биде електричен ако сакате. Сакаме да бидеме навистина прагматични.

Па да го одговорам вашето прашање – одлуката беше тешка кога започнавме. Но тежината на нештата нѐ однесе кон лесен заклучок. На крајот на „арбитражата“ пресудни беа 2-3 помали пазари каде требаше малку „да подбутнеме“ за да отидеме на вистинската страна на одговорот кој го баравме.

Дали има планови да се пренесе овој дизајнерски јазик кон повисоките и пониските сегменти?

VC: Во повисоките сегменти веќе го направивме ова со C5 X. Тоа е поинаков дизајн, но во истиот дух – комбинира хечбек и фастбек со елеганцијата и флуидноста на традиционален седан со повисока седечка позиција. Затоа и двата модели ја имаат ознаката X. Тешко е да се опише непостоечка рамка, а сакаме да направиме нешто кое е вистинска алтернатива на SUV – а C5 X е токму тоа.

За пониските сегменти – тоа е интересно прашање. Традиционалниот седан од Б-сегментот е модел чија популарност опаѓа и скоро исчезна во Европа. Имаме идеи за некои други региони во светот, но останува да видиме дали ќе ги понудиме тие модели и на други пазари.

Како ќе биде релативната ценовна позиционираност на C4 X?

VC: Ние во оваа индустрија сме многу аналитични. Сакаме да правиме анализи, ценовни табели… Насоката е да биде ценовно поставен еднаков или нијанса повисоко од C4, во зависност од пазарот. Пазарите се различни, а ние сме навистина среќни со успехот на C4 – ја погодивме рамнотежата меѓу став, стил и функционалност, просторност, технологија и цена. C4 X ќе ни овозможи да неколку три видови на корисници – од млади клиенти во појужните региони, па сè до северните делови на Европа, како и сите делови на Европа со Зони со Нулта Емисија на Штетни Гасови каде ќе го правиме привлечен за професионални корисници – а тоа значи лизинг опции, планови за полнење, итн.

Како ќе се справиме со достапноста на интернационалните пазари? Веќе започнавме со новиот C3 кој беше претставен за Индија и Јужна Америка. Овој автомобил е првиот од ново семејство од три автомобили и ќе ја покриеме секоја можна потреба. Ќе покриеме широк спектар на потреби за брзорастечки пазари како Индија, Јужна АМерика, Средниот Исток и Африка. Како ќе ги споиме тие две влијанија? Ова е европски автомобил кој е навистина привлечен за земјите на Медитеранот. Наскоро ќе понудиме нов C3 кој ќе биде привлечна и достапна понуда на ваквите пазари.

Кои се вашите предвидувања за крајот на кризата со полупроводници?

VC: Моите предвидувања се дека ќе имаме уште една криза, но овој пат со логистика, сирови материјали и економска криза. Недостатокот на полупроводници ќе дојде кон разумен крај кон крајот на оваа година или на почетокот на 2023. Прво, поради тоа што се инвестира во нови капацитети, а второ бидејќи почнавме многу подобро да ја разбираме комплексноста на ланецот на испорака и извршивме огромен притисок врз сите инволвирани страни. Многу работи се направени за да се соочиме со ова.

Но имам една работа која морам да ја кажам – тоа не значи дека сѐ ќе се врати како што беше порано – цената на некои материјали се зголеми три-четири, па и пет пати во изминатава година. Логистиката од Азија е поскапена, а инфлацијата доаѓа, каматните стапки доаѓаат, многу купувачи на многу пазари ќе бидат под влијание на сето ова. Се подготвуваме за уште една потреба за агилност и реактивност.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.