full screen background image
Search

ТЕСТ: KIA Ceed 1.5 T-GDI 160 GT Line – Подобар, помоќен, побрз!

Освежениот KIA Ceed носи и нова GT Line изведба – која ветува дека може да биде вистински скриен скапоцен камен за вљубениците во возењето!

Kia неодамна го освежи Ceed, па популарниот хечбек е повторно на нашите страници. Сепак, тука има нешто повеќе од обичен фејслифт – седиме зад воланот на Ceed GT Line, а тоа значи дека овој Ceed е наменет за оние кои сакаат малку повеќе да уживаат во својот автомобил.

Темелно визуелно освежување со нагласени спортски детали.

Ајде набрзина да зборуваме за визуелните измени – освежениот Ceed добива нов преден браник, нови странични прагови и редизајниран заден браник. Предниот браник е поагресивен, со понагласени отвори за воздух, а забележуваме и редизајнирани предни светлосни групи со нови, вертикално-поставени дневни светла.

Над маската гордо е поставен и новото, редизајнирано лого на Kia. Профилот е воглавно неизменет – но забележуваме нови алуминиумски тркала. Да бидеме искрени, не сме особено заљубени во прекомплицираниот дизајн на тркалата – но ќе признаеме дека му прилегаат на динамичниот Ceed GT Line.

На задниот дел едоставно доминираат новите задни светла со мал милион индивидуални LED елементи – нема да бидат по сечиј вкус, но повторно – му прилегаат на динамичниот Ceed GT Line и го издвојуваат од конкуренцијата.

Ако мораме да издвоиме детал кој не ни се допаѓа – тоа најверојатно би биле лажните завршетоци на издувниот систем. Ова едноставно не ни е јасно – кај спортскиот Ceed GT Line добиваме хромиран декоративен елемент, додека кај „цивилниот“ Ceed издувот е вистински. Но подготвени сме да ги простиме овие ситници – едноставно, Ceed GT Line изгледа динамично и спортски – вистински хот хеч!

Просторна и практична кабина, многу технологии и GT Line елементи

Одиме внатре, и веднаш ги забележуваме спортските седишта кои се делумно обвиени во (вештачка) кожа. Се спуштаме во нив и забележуваме дека нудат одлична странична поддршка. Во раце ни е управувачот кој е обвиен во кожа (а страниците се обвиени во перфорирана кожа) и има контрастни шевови во бела боја.

Поврзано:   Kia се подготвува да го освежи и Xceed

Пред нас се поставени јасните и читки инструменти со мал дигитален дисплеј меѓу нив. На централната конзола е поставен 8-инчен мултимедијален уред со (безжично) Android Auto и Apple CarPlay поврзување (ако сакате поголем уред, одстапен е и 10.25-инчен), а под него се физичките контроли за клима-уредот – физички и лесни за користење, нема никаква потреба од лутање по разно-разни менија и подменија.

Кабината и понатаму е просторна и практична. Околу возачот и совозачот има многу места за одлагање дребулии (меѓу предните седишта, во вратите, под контролите за клима-уредот, итн), а на задните седишта има повеќе од доволно простор како за нозете, така и за главите на патниците.

Отворете го багажникот и ќе откриете багажен простор кој е во рамките на просекот на класата – со исправена задна клупа на располагање имате 395 литри, а доколку ги преклопите задните седишта добивате одлични 1291 литар багажен простор. Плус, тука е и варијабилното дно на багажникот, па можете да го прилагодите согласно вашите барања.

Некакви посебни забелешки за кабината? Па… Немаме баш. Да, ако веќе мораме да најдеме некоја забелешка ќе кажеме дека некои од пластиките (особено „пониско“ во ентериерот) не се на ниво на некои од конкурентите – но тоа би било тоа.

Динамично управување – нѐ импресионира неутралноста на Ceed GT Line.

Е сега, ајде да зборуваме за возењето. Всушност, ќе ви издадеме една тајна – Ceed GT Line е вистински спортски хечбек. Да, во ред – не може да се мери со вистинските хот хеч модели (за тоа тука е Ceed GT), но нуди изненадувачки многу забава зад управувачот. Шасијата е навистина компетентна – управувачот е директен и прецизен, а суспензијата е на правилната страна на цврстина, без да биде некомфорна.

Поврзано:   Kia и Hyundai ќе користат навигација од TomTom

Изненадува неутралноста – Ceed не е пренаклонет кон подуправување, а тоа прави да биде забавен од еден свиок во друг. Ако мораме некако да го опишеме – ќе кажеме дека е одличен, спортски Warm Hatch. Менувачот е супер-прецизен, педалите се одлично дистанцирани, возачката позиција е ниска, прегледноста е одлична – и сето тоа Ве охрабрува да возите подинамично.

Всушност, сето ова сведочи за одличната калибрација на суспензијата и шасијата – и се гледа дека шасијата без проблем ќе „истрпи“ уште 50-100 коњски сили – а тука веќе можеме да зборуваме за Ceed GT. ;)

Одличен, моќен и економичен турбо-бензинец!

1.5-литарскиот турбо-бензинец реагира подготвено без разлика на вртежите. Едноставно, одговара на вашите барања и „врти“ без колебање. Испорачува 160 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 253 Nm вртежен момент од 1500 до 3500 вртежи во минута – а сето тоа резултира со 100 километри на час за повеќе од респектабилни 8.4 секунди и максимални 210 километри на час. Не е ни премногу жеден – со внимателно возење низ град побарувањата се сведуваат на околу 8 литри бензин на 100 километри, односно околу 6.5 литри на отворено.

Заклучок: Ceed GT Line е особено интересен!

И сето тоа некако нѐ носи кон заклучокот дека Ceed GT Line навистина е скриен скапоцен камен. Ретко коментираме цени, но овој пат едноставно мораме – еквивалентната конкуренција е поскапа, а комбинацијата од моќен мотор, одлична шасија и спортски детали го прави Ceed GT Line особено интересен. За оние кои сакаат одличен, забавен автомобил кој нема да направи компромис во однос на практичноста – Ceed GT Line е повеќе од оправдан избор. Подобар, помоќен, побрз! Браво Kia!

Поврзано:   Kia и Hyundai ќе користат навигација од TomTom

Спецификации

Модел: Kia Ceed 1.5 T-GDI 160 GT Line
Мотор: 1.5-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 160 коњски сили / 5500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 253 Nm / 1500 – 3500 вртежи во минута
Менувач: Мануелен, 6 брзини
0-100 км/ч: 8.4 секунди
Максимална Брзина: 210 километри на час
Должина: 4325 mm
Ширина: 1800 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1447 mm
Тежина: 1310 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2650 mm
Багажен Простор: 395 – 1291 литри
Потрошувачка: 8.6 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Kia Ceed 1.0 T-GDI 120 LX Edition 1 MT6  – 18.950 Евра
Цена на тестираниот модел: Kia Ceed 1.5 T-GDI 160 GT Line MT6 – 22.650 Евра
Повеќе Информации: KIA.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.