full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Volkswagen Golf R 20 Years е најмоќниот Golf во историјата!

Volkswagen ја слави 20-годишнината на R Performance дивизијата со специјален Golf R 20 Years кој има 333 коњски сили!

Специјалниот, славенички Golf е базиран на веќе-моќниот Golf R, но 2-литарскиот турбо-бензинец е донавиен да испорачува 333 коњски сили. Секако, силата ја пренесува кон сите четири тркала преку DSG менувач со двојна спојка. Инаку, сите верзии на Golf R досега се со погон на сите четири тркала.

Дополнително, Golf R 20 Years добива и титаниумски спортски издувен систем од Akrapovic, а тука е и Emotional Start функцијата која при стартување на моторот „го завртува“ до 2500 вртежи во минута. Направена е рекалибрација и на менувачот за уште поагресивно менување на брзините, а турбополначот е калибриран да работи на константна брзина во одредени ситуации, со цел да се подобрат реакциите при пристискање на педалата за гас.

Славеничкиот Golf R 20 Years можете да го добиете во две бои – Lapiz Blue или бела. Ако ја одберете сината боја, ќе добиете црни тркала, а доколку ја одберете белата боја ќе доббиете сини тркала. Тркалата се обвиени во Michelin Pilot Sport Cup 2 пневматици. Кабината добива карбонски додатоци и грст засебни детали.

Инаку, интересно е дека бројката на возила нема да биде ограничена, но моделот ќе се нуди само една година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.