Peugeot го претстави тркачкиот 9X8 со кој ќе се натпреварува на Endurance трките! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Peugeot го претстави тркачкиот 9X8 со кој ќе се натпреварува на Endurance трките!

По скоро една година континуиран развој и повеќе од 10.000 поминати километри во тестирање, Peugeot го претстави новиот 9X8 кој ќе се натпреварува на трките каде издржливоста го има главниот збор.

Хибридниот хипер-автомобил на Peugeot е вистинско технолошко чудо – од преку 15.000 дигитални датотеки, преку повеќегодишен развој и по скоро една година откако го видовме првиот пат, денес францускиот бренд ни го претстави својот натпреварувач за WEC (World Endurance Championship) трките. Новиот тркачки автомобил ќе дебитира на трката во Монца.

Инаку, новиот Peugeot 9X8 е тркачки прототип развиен под водство на специјалистите на Peugeot Sport. Задните тркала ги придвижува 2.6-литарски би-турбо V6 кој испорачува 700 коњски сили, додека предните тркала ги придвижува специјално-изработен електромотор кој испорачува дополнителни 270 коњски сили. Моторот и инвертерот кои се користат се развиени во соработка со Marelli, а 900-волтната батерија е развиена во соработка со TotalEnergies/Saft, додека пневматиците доаѓаат од Michelin и ги исполнуваат спецификациите за тркање.

За време на 25-дневното тестирање поминати се повеќе од 25.000 километри, додека хомологацијата е направена во целосна соработка со FIA. Уникатниот погон на 9X8 е развиен на тестна платформа, но и на симулатор како и на тркачките патеки.

За жал, Peugeot 9X8 нема да се натпреварува на овогодинешниот Le Mans 24 Hours, но затоа ќе настапи таму следната сезона. Сепак, Peugeot сака да има присуство на легендарната трка и оваа година, па во соработка со Automobile Club de l’Ouest, францускиот производител подготви специјална изложба која се вика Allure-Le Mans посветена на тркачката историја на Peugeot. Оваа изложба ќе биде отворена на 21ви Мај во La Sarthe, а оригиналниот Peugeot 9X8 ќе биде изложен до Септември.

Поврзано:   ВОЗЕВМЕ: Во Кан го возевме новиот електричен Peugeot E-3008!

Инаку, шест различни возачи од неколку различни земји ќе формираат два тимови за трката во Монца на 10-ти Јули. Возачите се Paul Di Resta, Loïc Duval, Mikkel Jensen, Gustavo Menezes, James Rossiter и Jean-Éric Vergne. По трката во Монца, Peugeot 9X8 ќе се натпреварува и на 6 Hours of Fuji во Јапонија во Септември, како и 8 Hours of Bahrain во Ноември.

Линда Џексон, извршниот директор на Peugeot, очигледно горда на тркачкиот автомобил изјави – „Учеството на Peugeot во FIA WEC е дополнителен доказ за инвентивноста на бреднот и долгостоечката страст кон моторспортот. Секако, ќе игра и важна улога во трансферот на технологии од тркачките патеки во нашите улични автомобили, особено во поглед на електрификацијата. За да појасниме колку сме сериозни околу енергетската транзиција, Peugeot се посвети кон електрификација на целата гама до 2024, а сакаме да бидеме целосно-електрични во Европа до 2030. Токму тркањето е круцијално за исполнување на оваа цел. Дури пред воопшто 9X8 да дебитира на тркачките патеки, нашите инженери веќе ги искористија хибридните технологии од тркачкиот автомобил за нашиот Peugeot 508 PSE, и веќе подготвуваме нешто ново.“

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.