ПРЕМИЕРА: BMW M4 CSL – Полесен, помоќен, побрз! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: BMW M4 CSL – Полесен, помоќен, побрз!

Новиот BMW M3 CSL ја заслужува својата ознака – која всушност значи Competition, Sport, Lightweight.

Инженерите на BMW посветиле навистина многу внимание на тежината, па M4 CSL е околу 110 килограми полесен од регуларниот M4. Како е постигнато тоа? Преку внимателно кратење на тежината каде е можно, сè со цел да се постигнат што е можно подобри перформанси.

Отстранети се задните седишта, а предните се заменети со карбонски кои се супер лесни и заштедуваат дури 24 килограми. Карбон-керамички сопирачки, ковани тркала и лесни пружини кратат дополнителни 21 килограм. Елиминирање на звучната изолација и користење полесни материјали резултира со заштеда од 15 килограми. Отстранет е автоматскиот клима уред, а редизајнирана е и предната решетка како и елементи од задниот дел. Кровот, поклопецот на моторот и поклопецот на багажниот простор се изработени од карбон.

Седиштата се интересни – бидејќи се од едно парче карбон, не нудат прилагодување на наслонот, а висината се нагодува во сервис. Но наслоните за главата лесно се вадат, за кога ќе возите на патека и треба да носите заштитна кацига. Доколку не сакате вака екстремни седишта, можете да нарачате M4 спортски седишта со нагодување кои се околу 10 килограми полесни од стандардните кои доаѓаат во M4 Competition.

Океј, но што е со моторот? 3-литарскиот линиски шест-цилиндерски турбо-бензинец сега испорачува 550 коњски сили и 650 Nm вртежен момент кои се испорачуваат кон задните тркала преку 8-брзински автоматски менувач. Нема опција за мануелен менувач, но поентата е да се извадат максимални перформанси – а автоматскиот менувач секогаш побрзо ќе менува брзини. Резултат? 100 километри на час за 3.7 секунди и 0-200 километри на час за 10.7 секунди, како и максимална брзина од импресивни 307 километри на час.

Поврзано:   Дамите го одбираат Women's Worldwide Car of the Year - ова се финалистите!

Секако, многу внимание е посветено и на нагодувањето на суспензијата и шасијата. Целиот автомобил е 8 милиметри поблиску до подлогата од M4 Competition, а суспензијата е зацврстена и нуди подиректна комуникација со патот. Секако, има и зацврстени анти-рол стабилизатори, а системите за безбедност се прилагодени да понудат контролирано пролизгување и поспортско, подинамично возење. Сопирачките се дополнително зајакнати, а притисокот на сопирачките може да се регулира преку М-менито во автомобилот. Силата се пренесува кон подлогата преку Michelin Pilot Sport Cup 2 R пневматици.

M4 CSL ќе може да се добие во три бои – Brooklyn Grey Metallic, Alpine White или Black Sapphire Metallic. М4 CSL ќе го препознаете по црвените детали кои се во чест на 50-годишнината на M GmbH, а ќе забележите и уникатни аеро додатоци, дневни светла и редизајнирани браници. Кај M4 CSL дебитираат BMW Laser задните светла, а забележуваме и дискретен заден спојлер како кај (според нас најубавиот М-продукт во историајта) E46 M3 CSL.

Ќе бидат произведени само 1000 примероци од овој екстремен M4. Ако сакате, побрзајте!

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.