ТЕСТ: Lexus NX 450h+ 4WD Executive Plus – Еден поинаков Lexus! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Lexus NX 450h+ 4WD Executive Plus – Еден поинаков Lexus!

Новата, втора генерација на популарниот луксузен SUV на Lexus воведува многу новитети – но најважниот новитет доаѓа во форма на моќен, плаг-ин хибриден погон со 309 коњски кој ветува дека троши 1 литар бензин на 100 изминати километри!

Новиот NX на луксузниот огранок на Toyota е навистина нов. Покрај очекуваниот нов дизајн и темелно редизајнираната кабина со врвен нов инфозабавен систем, добива и нова платформа, како и нов, плаг-ин хибриден погон. А да, и ова е првиот Lexus со плаг-ин хибриден погон. Значи очекувањата не се воопшто големи, така?

Нова платформа

Ајде прво да зборуваме за оние работите кои не се гледаат. Новиот NX е поставен на TNGA-K (GA-K) платформата на Toyota која се користи за многу различни модели во портфолиото на јапонскиот гигант – и секако, Lexus.

Новата платформа не само што е значително полесна и користи современи материјали и најмодерни техники при производство, туку овозможува и уште еден чекор нанапред кога станува збор за понудата на погони. Па така, во зависност од пазарот, новиот NX можете да го добиете со конвенционален бензинец, самополнечки хибрид или со врвен плаг-ин хибриден погон.

Нов плаг-ин хибриден погон со 309 коњски сили

И токму за тој погон ќе зборуваме денес. Плаг-ин хибридниот Lexus NX го комбинира добро-познатиот 2.5-литарски атмосферски бензинец (кој работи на ефикасниот Аткинсонов циклус) со електромотор на предната оска, како и засебен електромотор кој ги придвижува задните тркала.

Сето ова работи во комбинација со (прилично голема) батерија со капацитет од 18.1 kWh, која (според Lexus) овозможува безмалку 100 километри на електрична енергија во градски услови – и токму тука доаѓа во преден план врвната ефикасност на електричниот погон. И знаете што е навистина импресивно? Можеби тие 100 километри на струја не се 100% остварливи освен ако не возите во идеални услови – но за време на неколкудневното тестирање без поголем проблем поминувавме околу 80 километри на струја во градски услови, а тој резултат е повеќе од одличен.

Што значи сето тоа? Една брза (и груба) пресметка кажува дека (земајќи ги во предвид цените на електрична енергија во моментот на објавување на овој тест) 100 километри на електрична енергија во Lexus NX (доколку го полните во домашни услови, користејќи ја таканаречената „евтина струја) ќе ве чинат околу 85 денари.

А сето тоа е придружено со изненадувачки перформанси. Ако земеме предвид дека бензинецот испорачува 185 коњски сили и 227 Nm вртежен момент, но и дека електромоторите испорачуваат дополнителни  182 коњски сили и 270 Nm вртежен момент, односно 54 коњски сили и 121 Nm вртежен момент, воопшто не нè изненадува вкупната системска моќност од 309 коњски сили и забрзувањето до 100 километри на час за само 6.3 секунди!

Плус, сиот тој вртежен момент од електромоторите успешно ја надминува единствената замерка која ја имавме за минатата генерација – CVT менувачот. Со инстантната испорака на вртежен момент, забрзувањето е моќно и линеарно, без притоа да ја има онаа карактеристична бучавост на CVT менувачите. Ако Lexus цели кон врвната рафинираност, со новиот плаг-ин хибриден погон прави еден огромен, огромен чекор кон неа.

Ново искуство зад управувачот

А сето ова има и една огромна придобивка во однос на уживањето во возењето. Всушност, ќе кажеме дека вистинско уживање е новиот NX да се вози подинамично – веќе го нема она чувство на „колебање“ кое беше каратеристично за минатата генерација кога ќе побарате подинамично возење. Сега – повторно, благодарение на плаг-ин хибридниот погон – NX се однесува како вистински спортски SUV – инстантно реагира на секое притискање на педалата за гас и катапултира нанапред со ентузијазам и подготвеност кои успешно ја прикриваат неговата маса од безмалку два тони.

Управувањето е директно, прецизно и предвидливо. Да, ова е SUV кој тежи безмалку два тони и тоа е факт кој не може да се скрие, но платформата и суспензијата успеваат понудат навистина компетентно и предвидливо управување кое верувале или не, ќе изнуди насмевки и кај најпребирливите. Насочете го NX 450h+ кон свиоци и тој послушно ќе ги испочитува вашите наредби и ќе ја смени насоката на движење со ентузијазам кој како да ги витка законите на физиката. Браво!

Еволуција на дизајнот во нешто уште поагресивно

Сега, откако зборувавме за сето ова, можеме малку да зборуваме и за дизајнот. И минатиот NX ни беше меѓу најубавите модели во својот сегмент, но новиот го зема сето она кое ни се допаѓаше кај минатата генерација и го „навива до даска“.

NX е забележлив, бесрамно агресивен и наметлив. Едноставно, „нема бегање“ од онаа агресивна предна решетка и острите предни светлосни групи. Профилот е дури купеовски а на страничните површини се наметнуваат комплексни, неправилни форми кои го издвојуваат Lexus NX од здодевната, секојдневна архитектура.

На задниот дел едноставно доминира задниот светлосен потпис кој спојува три засебни светлосни елементи во една заедничка светлосна група.

Дали има нешто што не ни се допаѓа? Искрено, не. Можеби би му стоеле подобро еден број поголеми тркала, но навистина – немаме забелешки за дизајнот на новиот NX. За оние кои сакаат уште подинамичен и поагресивен лик, тука е F-Sport изведбата која носи поагресивни браници, нијанса поцврста суспензија и уште грст спортски детали.

Кабина каде технологиите доминираат

Одиме внатре. Шиииироко ја отвораме возачката врата и нè поздравува кабина која едноставно зрачи со својата… Лексусност? Дали тоа е збор? Најверојатно не, но тоа и не е така важно. Еве, да воведеме нов збор во речникот – Лексусност, придавка која означува беспрекорно внимание кон деталите и безмалку патолошка опсесија со Завршување Одлична Работа. Кабината на новиот NX едноставно зрачи со таа Лексусност.

Првото кое паѓа во очи е дизајнот – околу целата кабина се проткајуваат комплексни флуидни форми, а комбинацијата на материјали е одмерена и со многу, многу вкус. Седиштата во кои се спуштаме се комфорни и обвиени во супер-мека кожа, а нудат и одлична странична поддршка. Седнуваме и нè пречекува управувач обвиен во истата таа мека кожа, идеално позициониран пред нас. Командите се јасни и лесни за користење, а сите прекинувачи и контроли се помрднуваат со јапонска прецизност.

На централната конзола вниманието оди директно кон оној огромен, централно поставен дигитален дисплеј наменет за инфозабавниот систем, навигацијата и слично, додека пред возачот е поставен уште еден дигитален дисплеј со најважните информации. Сè е внимателно одбрано и уште повнимателно одработено – ги гледаме сите оние податоци кои ни требаат и едноставно – лесно се снаоѓаме.

Вратите не се отвораат со ништо толку примитивно како рачки. Зошто воопшто и да помислиме нешто такво? Едноставно, повлекуваме мал прекинувач и вратата се подотвора, и потоа само ја подбутнуваме. Луксузно, но и безбедно – вратата нема да се отвори доколку автомобилот забележи дека нешто е во слепата точка и ризикувате незгода ако ја отворите вратата.

Седнуваме и на задните седишта – и повторно, Lexus NX успева да импресионира. Седиштата се комфорни и има повеќе од доволно простор за главите и за нозете на двајца патници. Доколку е потребно, ќе собере и тројца, но со тоа би се нарушиле идеалните комфор и мир кои NX ги нуди. А на задните седишта повторно врвни материјали, врвна кожа и несекојдневни комбинации на текстури и површини.

Конечно, малку и за багажниот простор. Со исправени задни седишта на располагање имаме 549 литри, а со преклопени таа бројка расте на одлични 1436. Во багажникот има и одлично изведен лажен под, под кој се чуваат потребните кабли за полнење на големиот плаг-ин хибриден SUV.

Лексусноста доминира кај новиот Lexus NX.

И сега, ајде да заокружиме. Lexus можеби малку доцни во плаг-ин хибридната игра – тука некои конкуренти веќе имаат и втора генерација на модели кои ги нудат. Но од друга страна, инженерите и дизајнерите на Lexus не „тапкале во место“, туку го искористиле времето за да научат на грешките на другите и да понудат решение кое едноставно… Функционира. Функционира и како електричен SUV, и како крстосувач на долги релации, и како мирен и луксузен автомобил.

Јапонците многу добро знаат што прават, а со новиот NX, односно новото поглавје кое го отвораат токму со него, гордо го покажуваат тоа. Оноа чувство на „Лексусност“ кое го споменавме? Тука доминира.

Спецификации

Модел: Lexus NX 450h+ Executive+
Мотор: 2.5-литарски атмосферски бензинец, 4 цилиндри +  два електромотори
Вкупна моќност: 309 коњски сили
Вртежен Момент: 227 Nm (МВС), 270 Nm (Електромотор 1), 121 Nm (Електромотор 2)
Менувач: Автоматски безстепен CVT
Забрзување 0-100 км/ч: 6.3 секунди
Максимална Брзина: 200 километри на час
Должина: 4660 mm
Ширина: 1865 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1865 mm
Тежина: 1990 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2690 mm
Багажен Простор: 549 – 1436 литри
Потрошувачка: 1.6 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Lexus NX 350h 2WD Comfort – 49.990 Евра
Цена на тестираниот модел: Lexus NX 450h+ 4WD Executive+ – 69.990  Евра
Повеќе Информации: Toyota.com.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.