ПРЕМИЕРА: BMW ја освежи Серијата 3 – добива нов лик и нови технологии! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: BMW ја освежи Серијата 3 – добива нов лик и нови технологии!

Понудата на погонски единици останува иста, но „Тројката“ добива затегнат лик со нови браници и нови светла, како и нови технологии во кабината.

Серијата 3 на BMW и понатаму ги поставува стандардите за тоа што значи спортски седан. Во понудата има навистина многу погонски опции – бензинците започнуваат од 318i со 156 коњски сили и 250 Nm вртежен момент, па понатаму достапни се 320i и 330i со 184 односно 245 коњски сили и секако тука е моќниот M340i со 375 коњски сили и xDrive погон на сите четири тркала.

За фановите на плаг-ин хибридите, тука се 320е и 330е со вкупно 204 односно 292 коњски сили и 350 односно 420 Nm вртежен момент (и достапен xDrive кај помоќната изведба) а за фановите на дизелите во понудата остануваат добро-познатите 318d и 320d со 150, односно 190 коњски сили и 320, односно 400 Nm вртежен момент. За оние кои сакаат уште повеќе дизелска моќ, тука се 330d и 340d со 286 односно 340 коњски сили и 650 односно 700 Nm вртежен момент.

Визуелните измени се најзабележливи во предниот дел на освежената „тројка“. За среќа ги нема оние масивните предни отвори кои стануваат сè почести кај некои модели на BMW, туку забележуваме дека Серијата 3 инспирацијата ја влече директно од Серијата 5. Предните светла се поедноставени, предните „бубрези“ се потенки и пошироки а отворите на браникот се направени нијанса подискретни.

Профилот е помалку или повеќе идентичен, додека на задниот дел забележуваме подинамично-скулптуриран заден браник за кој BMW кажува дека ги истакнува спортските таленти на Серијата 3. Секако, достапни се и нови бои, како и нови дизајни на тркалата.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Новиот BMW M5 е најмоќниот (и најтешкиот) M5 во историјата!

Позначителни измени има во кабината, каде Серијата 3 сега целосно ги заменува конвенционалните инструменти со нов закривен стаклен панел поставен зад управувачот и на централната конзола – исто како кај големиот електричен iX кој го возевме минатата година. Пред возачот е поставен 12.3-инчен екран, додека на централната конзола е поставен огромен 14.9-инчен панел. Ова резултира и со редизајнирана конзола со нови отвори за вентилација и контроли за клима уредот.

Серијата 3 ја добива најновата генерација на iDrive системот на BMW вклучувајќи го и новиот iDrive OS 8. Овој систем нуди навистина многу функционалности, лесна интеграција со мобилен телефон и понапреден систем за препознавање на гласовни команди.

Со сите овие освежувања, Серијата 3 продолжува да поставува стандарди за тоа што значи спортски седан, а првите примероци се очекуваат да бидат испорачани наскоро.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.