ПРЕМИЕРА: Fiat лансира хибридни верзии на 500X и Tipo! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Fiat лансира хибридни верзии на 500X и Tipo!

Со претставувањето на хибридните 500X и Tipo, Fiat официјално ја електрифицира целата гама на возила кои ги нуди.

Новиот хибриден погон кој се нуди кај 500X и Tipo всушност е истиот погон кој Jeep неодамна го претстави кај Renegade и Compass. Хибридниот погон комбинира 1.5-литарски Firefly бензинец кој испорачува 130 коњски сили со 48-волтен BSG електромотор кој испорачува дополнителни 20 коњски сили и 55 Nm вртежен момент. Хибридниот погон ја испорачува силата кон предните тркала преку нов 7-брзински менувач со двојна спојка.

Хибридниот погон им овозможува на 500X и Tipo да маневрираат, да стартуваат и да паркираат на струја. Според WLTP мерењата кои ги сподели Fiat, дури 47% од возењето во комбинираниот циклус можат да бидат на струја, односно дури 62% од возењето низ град може да биде на струја. Дополнително, од Fiat напоменуваат дека хибридниот погон троши 0.3 литри гориво помалку од супер-ефикасниот 1.6-литарски турбодизел. Дополнително, хибридниот 500X има 11% пониска емисија на CO2 во однос на 500X опремен со 1.3-литарскиот турбо-бензинец.

Сето ова е придружено и од задоволителни перформанси – Tipo Hybrid забрзува до 100 километри на час за 9 секунди, додека на 500X Hybrid му требаат 9.4 секунди. Според официјалните најави, нарачките за хибридните изведби на 500X и Tipо ќе започнат веќе овој месец а првите примероци ќе бидат испорачани во Април.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.