ПРЕМИЕРА: ID.5 е новиот електричен coupe-SUV на VW – добива и спортска GTX варијанта! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: ID.5 е новиот електричен coupe-SUV на VW – добива и спортска GTX варијанта!

Volkswagen продолжува со интензивното проширување на ID-гамата на модели – а најновиот член е ID.5. Новиот Coupe-SUV носи нова форма со познати детали, а добиваме и поспортска изведба со ознаката GTX.

Новиот ID.5 всушност е базиран на ID.4, но со подинамична, спортска кровна линија која му дава поинтересен и потемпераментен став на електричниот SUV. Ги забележуваме деталите кои ID.5 ги презема од останатите поспортски модели – како на пример поголемите отвори во предниот браник и понагласената мускулеста форма. Интересно е изведена кровната линија, која завршува со интегриран заден спојлер.

Кабината е идентична како онаа на ID.4, а и покрај опаѓачката кровна линија, ID.5 има дури 550 литри багажен простор со исправени седишта, односно дури 1561 литар со спуштена задна клупа. Секако, ID.5 ги добива сите модерни технологии кои VW ги нуди – хед-ап дисплеј во боја со надграден ареалност, сите системи за адаптивно возење, итн. Многу внмание е посветено и на осветлувањето, па ID.5 ги добива ID.Light светлата.

Како што рековме, врвната изведба ја носи ознаката GTX и таа добива два електромотори и погон на сите четири тркала. Кон предните тркала се испорачуваат 109 коњски сили и 162 Nm вртежен момент, додека кон задната оска одат 204 коњски сили и 310 Nm вртежен момент. Вкупната, системска моќност е одлични 299 коњски сили, а сето тоа му овозможува на ID.5 GTX да забрза до 100 километри на час за 6.3 секунди и да постигне максимални 180 километри на час.

Во пондата остануваат ID.5 Pro со 174 коњски сили и 310 Nm вртежен момент, како и ID.5 Pro Performance со 204 коњски сили и 310 Nm вртежен момент. Без разлика кој модел ќе го одберете, ќе добиете батерија со капацитет од 77 kWh, која во зависност од изведбата ќе овозможи автономија меѓу 480 и 520 километри.

Поврзано:   VW ID.Buzz GTX е спортски електричен микробус!

Во домашни услови (со соодветен полнач), ID.5 може да се полни со брзина до 11 kW, додека со пристап до јавен брз полнач ID.5 може да се полни со максимални 135 kW. Според VW, ова значи дека за само 30 минути полнење се дополнуваат уште 320 до 390 километри во батериите.

Сега за сега нема информации кога ќе започне продажбата, но во согласност со досегашното темпо, би очекувале ID.5 да пристигне на пазарот во првата половина од следната година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.