full screen background image
Search

ID. Life е визијата на Volkswagen за урбан електричен автомобил – и пристигнува во 2025!

Volkswagen на IAA саемот за автомобили во Минхен го претстави ID. Life – и иако ова е само концепт, сепак е многу блиску до серискиот автомобил кој ќе пристигне на пазарот во 2025.

ID. Life е замислен да биде урбан електричен автомобил, кој во хиерархијата на електрични автомобили на VW ќе биде поставен под одличниот ID.3 (нашиот тест на електричниот Volkswagen ID.3 погледнете го тука). Ќе биде поставен на истата MEB платформа која VW ја користи за своите електрични модели, но ќе биде со погон на предните тркала.

Концептот е придвижуван од електромотор со моќност од 231 коњска сила и 290 Nm вртежен момент, а има батерија со капацитет од 57 kWH, која овозможува автономија од 400 километри. Спринтот до 100 километри на час трае само 6.9 секунди, додека максималната брзина е 180 километри на час.

ID.Life има меѓуоскино растојание од 2650 милиметри – а тоа ветува многу простор во кабината, како и повеќе од задоволителен багажен простор. Багажникот е со капацитет од 225 литри а има простор за уште 108 литри во двојното дно, како и 68 литри во предниот дел. Преклопете ги задните седишта и ќе добиете вкупно 1285 литри капацитет. Дизајнот е прилично модерен и минималистички – и ни се допаѓа. Иако ставот е кросоверски, ID. Life сепак успева да нè потсети на оригиналниот Golf.

Страничните ретровизори се заменети со камери (но останува да видиме дали тоа ќе оди во сериско производство), а централниот ретровизор е исто така заменет со камера кој прикажува видео на 9-инчен екран. Нема ниту конвенционален волан и инструменти – екранот е поставен на самиот управувач, а управувачот е со футуристичка форма. За кога ќе одлучите да се одморите, вградено е и големо платно, како и конзола за играње – па можете да играте и игри!

Интересно е дека Volkswagen веќе ги најави и цените – се очекува дека основната верзија ќе чини 20.000 Евра (во Германија), додека целосно-опремената верзија нa ID. Life ќе чини 25.000 Евра.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.