full screen background image
Search

Ф1 Холандија: Неверојатен стратешки притисок во борба за титулата

Викендов се возеше Ф1 патеката во Холандија, Zandvoort. Домашна патека на Макс Верстапен, кој стартуваше од првата позиција, а веднаш до него на стартот беше Луис Хамилтон.

Оваа патека не учествувала во Ф1 од 1985та година, и за прв пат се враќа на календарот. Релативно краток круг, со коси кривини и голем број нагорнини и надолнини – прекрасно. За денешни услови и огромни болиди е малку тесна, но тоа не претставуваше голем проблем за возачите. Имено заради краткиот бокс стратегиите беа неверојатни и целата борба се одвиваше преку нив. И тоа какви стратегии!

Сите претпоставки беа за еден питстоп, како што наведе и слајдот од ФИА на почетокот. Една промена на пневматици и тоа е тоа. Но, реалноста не можеше да е подалеку од тоа.
Верстапен имаше беспрекорен старт и веднаш се оддалечи од Хамилтон. Разликата почна да се зголемува и брзо се увиде дека невозможно е да се претекне Верстапен за брзо време. Мерцедес реагираа инстантно со промена на стратегијата. Веднаш Хамилтон беше ставен во бокс и променети пневматици, целта секако да се искористи времето на новите пневматици и да се претекне Макс кога ќе влезе во бокс. Сепак Редбул ја дочекаа таа измена секавично и едвај излезен Хамилтон, Макс веќе беше застанат за промена на пневматици. И тоа цела секунда побрзо излезе Макс од боксот.

Со тоа Ботас го позиционираа пред Макс за да може да го успори кога ќе дојде до него. Набрзо тоа и се случи. За среќа брзо беше поминат од Макс, а потоа го пропушти и својот тимски колега за да се борат за првото место. Притисокот од Мерцедес беше неверојатен. Мерцедес пак се обидоа со рано влегување во бокс да добијат на време и го внесоа Хамилтон. Овој пат со средно тврди пневматици. Секако Редбул реагираа во истиот момент и веќе во првата можност ги сменија пневматиците на Макс, но со тврди.

Притисокот од Мерцедес стана уште поголем бидејќи сега Хамилтон е на побрзи пневматици зад Макс. Сепак брзо ги потроши и тие, и мораше пак да менува, додека Макс лабаво си ја заврши трката на првото место со повеќе до 20 секунди предност пред второпласираниот.

Ниту едно црвено знаме, ниту безбедносно возило, никакви дистракции. Едноставно неверојатна борба на стратегии и истрајност. Два Мерцедсови болиди против еден на Редбул. Овој пат не успеаа да го соборат од тронот. Атмосферата на гледачите беше неприкосновена, и трибините никогаш не биле по полни! Covid19 беше далечно минато за гледачите кои беа дојдени да го проследат својот херој кон подиумот.

Водечките болиди ја украдоа сцената, но вреди да се споменат и неколку интересни моменти од останатите болиди. Иако не успеавме многу да ги видиме, па нивните подвизи ги донавме после трката. Имено Окон се пожали дека Алонсо кој е негов тимски колега, и во моментот пред него – е многу спор. Тоа беше поттик за Алонсо да објасни како се вози и да го снема во далечините.

Хамилтон како и секогаш се жалеше на пневматиците иако истроши 4 „рала“. Изгледа овој пат малку повеќе требаше да се потруди, а огромната нервоза се слушаше многупати преку радиото и коментарите.

Автор: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.