Mercedes-Benz на IAA Mobility 2021: Претставени EQE, Mercedes-AMG EQS 53, луксузниот концепт Maybach EQS и концептот за електричен EQG! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Mercedes-Benz на IAA Mobility 2021: Претставени EQE, Mercedes-AMG EQS 53, луксузниот концепт Maybach EQS и концептот за електричен EQG!

На ексклузивната презентација во Минхен, Mercedes-Benz претстави неколку нови електрични модели и концепти – а ние ги имаме сите информации!

Mercedes-Benz ја интензивира електричната офанзива. Веќе следната година целата гама на Mercedes-Benz ќе има електрична алтернатива, а веќе до крајот на декадата онаму каде пазарните услови дозволуваат, Mercedes-Benz ќе биде целосно-електричен бренд. Вечерва видовме неколку различни новиети – од луксузен седан, преку моќен AMG, се до супер-луксузен Maybach и иднината на G!

EQE –  EQS во помало пакување?

Презентацијата започнува со новиот EQE, односно електричниот „пандан“ на тековната E-Класа. Новиот EQE ги добива сите технологии и придобивки кои дебитираа кај EQS, а добива и сличен, супер-аеродинамичен дизајн. Всушност, со коефициент на отпор од само 0.20, EQE (заедно со EQS) е најаеродинамичниот автомобил на светот.

EQE 350 носи батерија со капацитет од 90.6 kWh, а 288-коњски мотор е поставен на задната оска. Секако, достапна ќе биде и 4Matic верзија со уште еден електромотор поставен на предната оска. Според Mercedes-Benz, автономијата е 660 километри, а брзото полнење овозможува надополнување од 10% до 80% за околу половина час.

Секако, EQE го добива и новиот Hyperscreen кој дебитираше кај EQS, како и сите системи за асистенција во возењето кои германскиот производител ги нуди. Сепак, Mercedes не би бил Mercedes доколку не претстави некоја нова технологија, а кај EQE дебитира можноста патник на предното седиште да гледа филм на еден од Hyperscreen екраните дури и кога автомобилот е во движење.

Започнува електричната ера на AMG – претставен Mercedes-AMG EQS 53

Моќниот прв целосно-електричен AMG (ако го изоставиме електричниот SLS AMG од пред неколку години) e првиот AMG модел кој ја носи ознаката EQ. Електромоторите испорачуваат до 751 коњска сила, односно 1020 Nm вртежен момент благодарение на батерија со капацитет од 106 kWh.

Тоа е во Boost режимот, но во стандарден режим, моторот испорачува „само“ 658 коњски сили. Сето ова овозможува катапултирање до 100 километри на час за 3.4 секунди, но и автономија до 580 километри со едно полнење на батериите.

Поврзано:  Новите Vito Tourer и V-Class пристигнаа во салонот на Mercedes-Benz

Електричниот AMG добива и специјални визуелни детали – од специјалните тркала и редизајнираната предна маска, преку специјалните бои, заден браник и дискретен заден спојлер. Кабината добива спортски седишта, како и специјален визуелен пакет за големиот Hyperscreen. Со EQS 53, AMG го претстави и звукот кој ќе го користат електричните возила за да се испорача целосното AMG-искуство.

Визија за врвен електричен луксуз – Concept Mercedes-Maybach EQS

Огромниот, двобоен концепт за луксузен SUV кој ќе ја носи ознаката Maybach е најава за насоката во која ќе се движи супер-луксузниот огранок на Mercedes-Benz.

Концептот е инспириран од луксузните јахти, а според Phillip Schiemer од Top End Vehicle Group во Mercedes-Benz, концептот е скоро-сериски автомобил кој е доказ дека најмодерните технологии и MBUX Hyperscreen одлично се комбинираат со Maybach мајсторството и ексклузивните ентериери.

Според најавеното, SUV верзијата на Mercedes-Benz EQS ќе оди во сериско производство следната година, за понатаму да пристигне и Maybach изведба базирана токму врз она кое го видовме вечерта.

Од Mercedes-Benz не кажуваат многу околу погонот и автономијата, но најавуваат дека луксузниот SUV ќе може да помине околу 600 километри со полни батерии.

Од минатото кон идината – претставен Concept EQG!

Како ќе изгледа електричната G-Class? Според, Mercedes-Benz, вака! Препознатливата форма е тука, а тука се и добро-познатите детали. Но G не би бил G доколку не понуди и врвни теренски перформанси – и токму тука концептот е навистина интересен. Користи четири засебни електромотори кои индивидуално можат да бидат контролирани – а тоа значи идеална контрола во сите услови. EQG добива и менувач со две брзини за да може да го извлече максимумот од моторите.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Електричниот Mercedes-Benz G-Class го има сиот вртежен момент на светот!

Ако се прашуваме ние – ова е идеалниот начин да се тргне кон електричната иднина. Препознатливата форма на иконскиот G-Wagen одлично се пренесува и кон електричен автомобил, а воопшто не се сомневаме во перформансите и можностите!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.