full screen background image
Search

G-Power го засили BMW M8 на 840 и 900 коњски сили

BMW М8 е најсилниот гранд турер на Баварската компанија, но G-Power покажа дека постои простор за уште подобрувања откако претстави два тјунинг пакети.

Во сериска форма, BMW M8 Competition е погонуван од 4.4-литарски твин-турбо V8 агрегат, кој произведува 625 кс и 750 Nm вртежен момент.

Со првиот пакет G8M Hurricane RR, G-Power успеале да ги зголемат овие бројки на 900 кс и 1,050 Nm вртежен момент. Вториот пакет е малку послабиот G8M Hurricane RS со 840 кс и истиот 1,050 Nm вртежен момент.

И двата тјунинг пакети содржат хардверски и софтверски измени, вклучувајќи надградени турбополначи со поголеми доводни и издувни отвори, како и куќишта изработени на CNC машина.

Посилниот пакет има дополнителни модификации како ковани клипови, модифицирани клипници, поголеми ладилници, како и зајакната погонска единица.

Двата модели се опремени со издувен систем од не’рѓосувачки челик со пошироки цевки, спортски катализатори и четири карбонски завршетоци со дијаметар од 110 милиметри.

Благодарение на значителното зголемување на силата, G8M Hurricane RS и RR можат да постигнат максимална брзина од 340 км/ч, која е ограничена само поради пневматиците.

Што се однесува до забрзувањето, иако компанијата не ги објави бројките, очекувано е тјунираните возила да бидат побрзи од стандардниот модел кој забрзува од 0-100 км/ч за 3.2 секунди.

Визуелно, исто како и останатите Hurricane пакети, G8M е обоен во светла портокалова металик боја во комбинација со детали од карбон. Покрај тоа, добива и нов Ventury поклопец на моторот со интегрирани отвори за вентилација, како и карбонски заден спојлер.

G-Power нуди два различни дизајни на 21-инчни ковани фелни, обвиени во пневматици со високи перформанси во профил 285/30ZR21 напред и 295/30ZR21 позади. Суспензијата е исто така спуштена благодарение на нови прилагодливи коиловер амортизери.

Последните модификации се однесуваат на ентериерот, кој добива рачно изработени тапацири од кожа и алкантара, заедно со карбонски додатоци. Плочката со серискиот број на централната конзола со сигурност ќе му даде до знаење на совозачот дека седи во многу специјален M8.

Германскиот тјунер не ја објави цената на двата пакети, па секој кој е заинтересиран да ја дознае ќе треба да го контактира директно.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.