Тркачката дивизија на Toyota произведе цела серија на дополнителни делови за компактниот спортски автомобил, кои ги претстави на два концептни модели.
Првиот концепт на Gazoo Racing е значително модифициран GR 86, и од естетска гледна точка и во поглед на перформанси. На предниот дел се забележува нов браник со поизразен дифузер и карбонски додатоци, кои според Gazoo ја зголемуваат потисната сила во предниот дел. Отворот за воздух во горниот дел од решетката носи поголема количина на воздух за ладење на моторот.
Отвори за вентилација се среќаваат и на проширувањата на предните крила, каде помагаат да се отстрани турбулентното струење на воздухот. Зборувајќи за крилата, тие се проширени за 43 милиметри и значително го менуваат ставот на автомобилот на патот.
Промените продолжуваат и по страните, каде се среќаваат уникатни прагови кои го намалуваат воздушниот отпор. Концептот е поставен на 19-инчни ковани алуминиумски тркала, а модификациите ги комплетираат карбонскиот заден дифузер, карбонскиот заден спојлер и специјалниот издувен систем.
Вториот GR 86 концепт се одликува со повоздржан дизајн, но повторно е опремен со голем број на нови делови како нов преден браник, уникатни странични прагови, редизајниран заден браник и спортски GR издувен систем.
Автомобилот исто така има отвори за вентилација на предните крила, поизразен лип спојлер на багажникот и ковани 19-инчи тркала, додека за капакот за отворот за полнење на гориво е дизајнирана украсна налепница.
Модификациите продолжуваат и под површината и вклучуваат специјална суспензија со различни пружини и амортизери. Gazoo Racing го опремиле автомобилот и со сет поголеми сопирачки.
На крај, неколку промени можат да се пронајдат и во кабината. Тие вклучуваат различни украсни детали со ефект на карбон, меко перниче за колената и карбонско куќиште за клучот.