ПРЕМИЕРА: Emira е последниот автомобил со мотор со внатрешно согорување на Lotus – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Emira е последниот автомобил со мотор со внатрешно согорување на Lotus

Британскиот производител го претстави новиот модел Emira, преку кој ќе се збогува со возилата со внатрешно согорување пред да ја направи целата гама електрифицирана.

Според нејзините димензии, Emira претставува наследник на моделот Evora, a ќе му конкурира на Porsche 718 Cayman кога ќе излезе во продажба во Европа на пролет во 2022 година. Emira е поставена на нова верзија од алуминиумската шасија на компанијата со меѓуоскино растојание од 2.6 метри, а нејзината основна тежина изнесува 1,405 килограми.

Спортскиот модел ќе може да се добие во избор со два различни мотори. Првата опција е 2.0-литарски четири-цилиндарски турбо-бензински агрегат од Mercedes-AMG, кој ќе произведува околу 360 кс. Тој ќе биде поврзан со задните тркала преку седум-степена трансмисија со двојна спојка и ќе забрзува од 0-100 км/ч за помалку од 4.5 секунди.

Втората опција е поголемиот 3.5-литарски V6 агрегат со компресор. Ова е всушност истиот мотор кој беше вградуван во моделите Exige и Evora. Ќе биде достапен во избор со шест-степен рачен или шест-степен автоматски менувач. Според Lotus, тој ќе испорачува 400 кс и 430 Nm вртежен момент.

Неговата максимална брзина ќе изнесува 290 км/ч, а и покрај тоа што бројките од забрзувањето не се објавени, се шпекулира дека ќе може да постигне 100 км/ч за 4.2 секунди.

Визуелно, новата Emira е дизајнерски инспирирана од претстојниот електричен хиперавтомобил Evija. Каросеријата од фиберглас има отвори за вентилација на предниот поклопец, задните странични крила и на задниот браник под светлата, а исто така и вертикално уредени предни светла.

Ентериерот е голем чекор нанапред за компанијата. Неговиот квалитет е покачен неколку нивоа погоре и како таков доаѓа опремен со 10.25-инчен мултимедијален систем со Android Auto и Apple CarPlay. Класичниот брзиномер е заменет со уште поголем дигитален дисплеј.

Поврзано:  ВЕЧЕРНО КИНО: Lotus Evija X на Nürburgring

Моделот е сериски опремен со електрични седишта кои се прилагодуваат во четири насоки, а како опција ќе се нудат и 12 насочни. Останатите елементи од достапната опрема вклучуваат палење без клуч, темпомат, сензори за дожд, електрични ретровизори, предни и задни паркинг сензори итн.

Како опција ќе биде понуден и Lotus Drivers пакет, кој содржи контрола за побрзо лансирање, потврда суспензија и „полепливи“ Michelin Pilot Sport Cup 2 пневматици. Уште една интересна вест е дека Lotus, исто како McLaren, го задржаа хидрауличното управување, кое нуди подобар одзив од патот од електричните конфигурации.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.